Новоизбраниот демократски сенатор од Мичиген, Абдул Ел-Сајед, предлага програмата за здравствено осигурување „Медикер за сите“ да се преименува во „Трампкер“, а американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека ќе се сретне со него за да разговараат за неговата иницијатива за воведување универзално здравствено осигурување во Соединетите Американски Држави (САД).
Во интервју за „Њујорк пост“, Трамп рече дека Ел-Сајед е „многу паметен“ и додаде дека демократот од Мичиген „завршил навистина добра работа“. Ова претставува пресврт во комуникацијата меѓу Трамп и Ел-Сајед, кој е првиот муслимански сенатор во американската историја. Во текот на кампањата, Ел-Сајед имаше остри критики кон Трамп и го нарекуваше „глупав“ и „идиот“.
Американскиот претседател пред новинарите изјави дека сигурно ќе се види со сенаторот и посочи дека постои простор за компромис.
„Знам дека ќе се сретнам со него. Можеби постои некој среден пат по кој можеме да тргнеме“, рече Трамп.
Новата политичка реалност во Вашингтон ги принудува двете страни на дијалог откако демократите на почетокот на ноември освоија мнозинство во двата дома на американскиот Конгрес. На прашањето на „Њујорк пост“ каква стратегија ќе примени во односот со демократското мнозинство, Трамп првично одговори дека ќе стави вето на сè, по што тие ќе сакаат да преговараат. Веднаш потоа додаде дека е подготвен за договор: „Ќе го сторам тоа, и можеме да го решиме здравството. Заедно можеме да направиме многу одлични работи.“
Идејата за преименување на познатиот прогресивен концепт „Медикер за сите“ (Medicare for All) во „Трампкер“ (Trumpcare), Ел-Сајед првпат ја објави претходно во ноември на социјалната мрежа Икс. Во директна порака до претседателот, тој напиша: „Доналд, ова е на маса. Гарантирај здравствена заштита за секој Американец, од колевка па до гроб.“
„Мојата кампања се темелеше на три работи: отстранување на влијанието на парите од политиката, повеќе пари во вашиот џеб и програма за јавно здравство за сите. Сега навистина не ми е важно како тоа се вика. Важно ми е луѓето во оваа земја конечно да го добијат тоа неисполнето ветување за загарантирано здравство“, изјави Ел-Сајед.
