Недела неработен ден останува црвена линија за ССМ: Одморот со семејството нема цена

Сојузот на синдикатите на Македонија се противи на идеите за повторно воведување работна недела и предупредува на злоупотреби поврзани со работата во сабота.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најостро се спротивстави на иницијативите за повторно враќање на неделата како работен ден. Синдикалците порачуваат дека ова стекнато право нема да биде предмет на пазарење со работодавачите, бидејќи ниту една дневница не може да го замени времето поминато со семејството.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, реагираше откако заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, во гостување на телевизија Сител изнесе личен став дека прашањето за работна недела може да се разгледа на Економско-социјалниот совет за да им се овозможи на работниците повисока дневница.

Трендафилов преку објава на Фејсбук оцени дека со ваквите ставови функционерите се ставаат во улога на „мегафон на газдите“. Тој посочи дека и сабота е неработен ден, но работодавачите најмногу го злоупотребуваат, на што работниците секојдневно укажуваат без реакција од креаторите на политиките.

„ССМ најостро се спротивставува на намери за кратење на работничките права и нема да дозволи работничките права да станат предмет на пазарење со газдите“, напиша Трендафилов.

Во ССМ не гледаат случајност во отворањето на темата за работа в недела непосредно по предлогот на Стопанската комора на Северна Македонија од почетокот на октомври за нов модел на неработни денови. Според тој предлог, вработените би имале 13 или 14 неработни денови годишно, а празниците што паѓаат в недела не би се префрлале во понеделник.

„Сите сличности се случајни, освен оние кои не се. Случајно сигурно не е да зборуваат како требало работниците да се договорат со газдите за зголемување на минималната плата, уште помалку е случајно да се отвораат прашања за кратење на работничките права со кратење на празниците и недела неработен ден“, изјави Трендафилов, најавувајќи нови синдикални протести.

Неделата стана неработен ден од 1 јануари 2022 година за околу 92 отсто од вработените во државата. Законското решение предвидува исклучоци само за дејностите каде работниот процес не смее да запре, при што на тие работници им следува додаток од најмалку 50 проценти за секој час работа и слободен ден во наредните седум дена.


Уставниот суд на 1 декември 2022 година ја отфрли иницијативата на Стопанската комора за укинување на овие законски одредби, со образложение дека тие не ја нарушуваат слободата на пазарот и претприемништвото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс