Лековите како „Оземпик“ го зголемуваат тестостеронот и квалитетот на спермата кај мажите

Едногодишното следење на 108 испитаници со дијабетес или обезност покажа подобри лабораториски параметри, но авторите предупредуваат дека тоа сè уште не докажува зголемена плодност.

Лековите од групата ГЛП-1 (GLP-1), меѓу кои се „Оземпик“ и „Виктоза“, ја зголемуваат концентрацијата и подвижноста на сперматозоидите и го креваат нивото на тестостерон по една година редовна употреба. Новата студија објавена во научното списание „Биомедисинс“ (Biomedicines) опфатила 108 мажи со прекумерна тежина или дијабетес тип 2, но истражувачите нагласуваат дека подобрените лабораториски резултати не претставуваат директен доказ за поголема веројатност за зачнување.

Научниците ги следеле испитаниците кои примале семаглутид, активната супстанција во лекот „Оземпик“, или лираглутид, кој се наоѓа во лекот „Виктоза“. По завршувањето на едногодишниот период на следење, лабораториските анализи регистрирале напредок кај повеќе параметри на семениот материјал.

Просечната концентрација на сперматозоиди се зголемила од 62,9 милиони на 86,7 милиони на милилитар. Уделот на сперматозоиди со нормален облик пораснал од приближно 3,1 на 4,5 проценти, додека процентот на оние кои можат активно да се движат нанапред скокнал од 22,8 на 38,4 проценти. Овие две карактеристики претставуваат важни показатели за функцијата на сперматозоидите, иако за оплодување на јајце-клетката не е неопходно сперматозоидот да има совршена форма.

Авторите на истражувањето истакнуваат дека ова е една од поголемите проспективни студии кои во текот на цела година ги следеле промените во квалитетот на спермата кај мажи на терапија со лекови од групата ГЛП-1.

Покрај промените во семениот материјал, студијата забележала и поместувања кај половите хормони. Просечното ниво на тестостерон кај испитаниците пораснало за околу 30 проценти, додека нивото на естрадиол се намалило.

Едно од објаснувањата лежи во губењето на телесната тежина. Претходни научни трудови покажале дека масното ткиво наталожено околу внатрешните органи силно влијае врз намалувањето на тестостеронот, понекогаш дури и повеќе од самото стареење. Сепак, во оваа студија промената на индексот на телесна маса (БМИ) не покажала јасна поврзаност со зголемувањето на концентрацијата на сперматозоиди откако биле земени предвид возраста, дијабетесот и другите фактори. Тоа не го исклучува влијанието на слабеењето, бидејќи индексот на телесна маса не дава прецизна слика за количината на висцерални масти околу органите.

Поранешни истражувања веќе открија функционални рецептори за ГЛП-1 на самите човечки сперматозоиди, додека експериментите врз лабораториски глувци со дебелина укажаа на заштитно дејство на овие лекови врз тестисите. Една од научните хипотези е дека терапијата ги намалува воспалителните процеси и оксидативниот стрес во тестисите, местото каде што се создаваат сперматозоидите и се произведува тестостеронот. За целосна потврда на овој биолошки механизам се потребни дополнителни клинички испитувања.

И покрај позитивните бројки, авторите јасно предупредуваат дека студијата не докажува оти семаглутидот или лираглутидот директно ја подобруваат машката плодност. Истражувањето не вклучувало контролна група мажи кои не ги примале овие лекови, а не биле собрани ниту доволно прецизни податоци за нивната плодност и зачестеноста на зачнување пред почетокот на терапијата. Поради овие методолошки ограничувања, од резултатите не може да се изведе заклучок дека лековите ја зголемуваат веројатноста за бременост.

Слични наоди беа објавени и во 2025 година во помала клиничка студија спроведена во Словенија. Таму, во група од 13 мажи со дебелина, дијабетес тип 2 и снижен тестостерон кои примале семаглутид, уделот на сперматозоиди со нормален облик двојно се зголемил, а пораснало и нивото на тестостерон.


Ниту словенечкото истражување не содржело споредба со плацебо-група. Поради тоа, научниците се децидни дека лековите од групата ГЛП-1 засега не можат да се препишуваат како примарна терапија за лекување машка неплодност, туку се неопходни поголеми, контролирани клинички студии за да се утврди нивниот вистински ефект врз зачнувањето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс