На 28 ноември 2026 година (сабота), во 13 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена меѓународната изложба „Сè што ни е заедничко: Животните не се таму некаде“, во кураторство на Мира Гаќина и Јованка Попова.
Изложбата го насочува вниманието кон животните со кои ги споделуваме нашите средини, истории и иднини, но чии животи најчесто остануваат на маргините на човечкото внимание, грижа и одговорност. Преку дела на меѓународни и македонски уметници, таа отвора прашања за односите на моќ меѓу луѓето и другите видови, за насилството и експлоатацијата, но и за можностите за солидарност, меѓузависност и поинакви форми на заедничко живеење.
Во време на климатска криза, забрзано исчезнување на видовите и сè поизразена еколошка нерамнотежа, односот кон животните станува едно од суштинските прашања за тоа како го разбираме светот и нашето место во него. Иако грижата сè почесто се истакнува како заедничка општествена вредност, секојдневната реалност покажува дека таа останува селективна, нееднакво распределена и често отсутна.
Изложбата тргнува од потребата да се преиспита човекот како центар на светот и како единствен носител на вредност, знаење и право на постоење. Наместо животните да ги гледа како симболи, метафори, ресурси или објекти на човечка употреба, таа ги препознава како живи суштества со сопствени искуства, чувства, меморија, начини на комуникација и потреби.
„Со оваа изложба сакаме да го поместиме прашањето за животните од маргините на општественото внимание во средиштето на разговорот за тоа како живееме заедно. Животните не се некаде надвор од нашите животи, туку се дел од нашите секојдневни простори, односи и заедници. Начинот на кој се однесуваме кон нив открива многу за тоа како ја разбираме грижата, солидарноста и одговорноста. Затоа изложбата не е само за животните, туку и за нас самите, за границите на нашата емпатија и за можноста да замислиме поинакви односи на заедничко живеење“, истакнуваат Мира Гаќина и Јованка Попова, кураторки на изложбата.
Иако изложбата се занимава со глобални еколошки и политички прашања, нејзината појдовна точка е и непосредната реалност во Македонија.
Бројните бездомни кучиња и други животни на улиците на Скопје се дел од секојдневието на градот, но истовремено се изложени на занемарување, насилство, труење и убивање. Нивното присуство ги прави видливи противречностите во односот на општеството кон животните: од една страна, тие се дел од нашата заедничка урбана средина, а од друга, нивното постоење често се третира како проблем што треба да се отстрани.
Оттука, изложбата отвора прашања што ги надминуваат рамките на заштитата и благосостојбата на животните. Таа ја преиспитува институционалната одговорност, селективноста на сочувството и општествената толеранција кон насилството, но и начините на кои одлучуваме чии животи заслужуваат заштита, а чии остануваат незабележани.
Изложбата не останува само на критичко преиспитување на односот кон животните, туку настојува да поттикне и конкретни форми на солидарност и заедничко дејствување. Музејот на современата уметност – Скопје и самиот веќе подолго време се грижеше за две кучиња кои станаа дел од неговото секојдневие. Овој пример покажува дека грижата за животните не мора да биде нешто одвоено од работата на една културна институција, туку може да биде составен дел од нејзиниот однос кон просторот, заедницата и животот што ја опкружува.
Во последните години сè повидлива е и свеста за потребата од похуман однос кон животните, благодарение на поединци, неформални иницијативи и организации кои секојдневно вложуваат време, труд и сопствени ресурси во нивната заштита. Сепак, оваа грижа често останува препуштена на индивидуалната посветеност, без доволна институционална и системска поддршка.
Токму затоа, во рамките на изложбата музејот воспоставува соработка со организации и иницијативи посветени на заштитата и благосостојбата на животните, со намера заеднички да придонесе кон нивната работа и да поттикне конкретни форми на помош и поддршка.
Оваа соработка е замислена не како еднократна активност поврзана со изложбата, туку како почеток на долгорочна практика на грижа, солидарност и заедничка одговорност, која би продолжила да се развива и по нејзиното завршување.
„За нас е важно изложбата да не остане само простор во кој зборуваме за грижата, туку да биде и повод таа да се практикува. Музејот веќе се грижеше за две кучиња, што е мал, но значаен пример за тоа како институцијата може да развива однос на одговорност кон другите живи суштества. Со соработката со организациите што секојдневно се посветени на заштитата на животните, сакаме да ја прошириме таа практика и заеднички да помогнеме таму каде што помошта е најпотребна. Нашата желба е ова да не заврши со изложбата, туку да стане долгорочна форма на соработка и институционална грижа“, додаваат кураторките.
Изложбата обединува разновидни уметнички практики што се занимаваат со повеќевидовската етика, политиките на грижа, нечовечката перцепција и јазик, страдањето на животните во системите на човечко насилство, формите на животински отпор, како и можностите за солидарност и коегзистенција меѓу видовите. Преку различни медиуми, уметниците ги истражуваат противречностите на антропоцентричниот свет, но и предлагаат алтернативни начини на замислување на нашите односи со другите живи суштества, надвор од логиката на контрола, доминација и експлоатација.
Изложбата се надоврзува на долгорочниот кураторски истражувачки проект „Сè што ни е заедничко“, започнат во 2018 година, кој низ серија меѓународни изложби ги истражува солидарноста, социјалната правда, политичката имагинација и алтернативните форми на коегзистенција.
