Авангардна, неприкосновено своја и неуморно креативна, Татјана Алексиќ е професорка која одамна ја надмина класичната слика за час, табла и дневник. За генерации ученици, таа е пример дека училиштето може да биде и сцена, и работилница, и простор за слобода, дисциплина, култура и создавање. Од училница до театарска сцена, од час до секој пишан сценариски збор, нејзината работа покажува дека образованието не е само пренесување знаење, туку градење храброст да се биде свој.
Во интервју за Трн, со неа зборуваме за врсничкото насилство и насилството во училниците, за децата кои растат меѓу екрани, агресивни содржини, родителски притисоци и систем што често реагира дури кога веќе е доцна. Алексиќ зборува за воспитувањето без страв, за почитта што не се изнудува со ќотек, за образованието кое не смее да се сведе на оценки, дипломи и суети, туку мора да гради луѓе што знаат да разликуваат добро од зло. Зборуваме и за културата како еден од ретките простори каде детската енергија може да се претвори во збор, сцена, музика, дисциплина без страв и човечност, но само ако биде дадена во рацете на вистинските луѓе.
Трн: Насилството меѓу учениците сè почесто излегува од училишните ходници и станува јавна тема, a децата растат со интернет, видеа, игри, социјални мрежи и постојан прилив на слики и пораки. Кога технологијата престанува да биде алатка и почнува да им ја одзема слободата, мечтата и чувството за реалност?
Татјана Алексиќ: Кај децата треба да има забрани за социјалните мрежи согласно возраста. Младите луѓе се повеќе му робуваат на интернетот, сѐ повеќе се адаптирани, а сѐ помалку слободни и слободоумни. Дури и најмалите деца немаат свое слободно време за спонтаност и креативност. Покрај пораките на родителите и учителите, денешните деца прифаќаат разни пораки преку достапниот интернет. Нивните умови се преполни со слики и флешови кои им ја успиваат мечтата, неопходна за креативност.
Кога виртуелниот свет се меша со реалниот, губењето на чувство за реалност е првиот критериум за лудило. Михаел де Сервантес уметнички и белетристика умешно го доловите лудилото на двата паралелни светови во рицарскиот роман ,,Дон Кихот” преку траги-комичмиот и карикатурен лик на параноичниот витез со добро срце кој сакајќи да прави добри дела се повредувал себеси.
До седмата година кај децата треба да се изградат трите табуа за агресија, автоагресија и инцест. Децата не треба да гледаат агресија, не смеат да се самоповредуваат, но треба да им се објасни што е инцест и педофилија. Денеска, се случува децата да ги прекршат овие табуа,пред да разберат дека носат зло, пред да ја научат разликата меѓу добро и лошо…
Трн: Во јавноста сè уште често се слуша дека „ќотекот е од рајот“ и дека строгото воспитување создава дисциплина. Што навистина создава насилството врз децата и каде се корените на детската агресија?

Татјана Алексиќ: Во биографијата на Хитлер е запишано дека имал строг татко кој го тепал. Во биографиите на тешките, крвожедни криминалци секогаш ретроградно се истражувале проблемите од најраното детство, односите со родителите и блиската околина.
За многу убијци е забележано дека биле мирни, тивки, без забележителни испади и агресии ( Раскољников на Достоевски, бил убав, умен, тивок, но не толку дружељубив млад студент). Кецмановиќ можеби не бил тепан физички од родителите, но исто толку се убиствени и превисоките амбиции на родителите во стилот ,,можеш ти то боље од других”.
Ако дојдеш до фаза дека на детето треба да му залепиш ,,воспитна” секогаш кога прави некаква беља, за да не ја повтори истата, преиспитај се зошто постојано прави бељи.
Почитувањето не се изнудува кај децата преку страв и закани, туку преку личен пример и многу тивко.
Дете кое од најмала возраст удира по родителите, по врсниците во школо, можно е да било удирано ( дома или во градинка, школо), гледало удирање, макар и од цртани филмови ( гледа како мачорот Том го удира глушецот Џери па ги имитира). Патем, сегашниве видео игри за деца и анимирани филмови се далеку повоинствени и побрутални од Том&Џери.
Разумно, емотивно стабилно воспитано дете нема потреба да се држи строго и да добива ,,воспитни” за да има страв и да научи што е почит и хиерархија. Такво дете ниту ќе има нагон да удира, ниту да навредува други, па ни родителот ќе нема зошто да го воспитува строго, со тепање и казни.
Трн: Кога насилството меѓу младите станува сè повидливо, дали е доцна да се реагира дури во тинејџерските години? Колку семејството, воспитувањето и системот ја носат одговорноста?
Татјана Алексиќ: На 16 години доцна е за воспитување, но не е за казнено-поправен систем за третирање на целото семејство, со комплетен професионален ангажман, кога детето ви се ,,лизгало” од рацете цели 16 години. Многу деца следат Тик Ток, играат и брутални видео игри, но не се сите агресивни и немаат сите нагон за повредување и навредување. Насилните сцени треба да предизвикаат отпор, жалост за жртвитe, огадност или во духот на Аристотел катарза, а не инспирација и мотивација за злодела.
Добро, правилно воспитано дете на 16 години може да го оставите буквално на улица меѓу олоши и нема никој да направи од него психопат или насилник, затоа што 16 години било чувано со љубов, почит, одговорност (знае да разликува добро од лошо) и трпение, затоа што живеело во нормално опкружување со здрави семејни односи. Може да настрада од психопати, да не знае да ги препознае оти немало искуство со нив, но не и да стане психопат со веќе оформен карактер.
Имате многу примери на асоцијални семејства каде децата биле тепани, па благодарение на некоја нивна баба, дедо, тетка или другарче што позитивно им влијаело, ќе се извлече во добар човек. Кецмановиќ бил од угледна фамилија, но со болно амбициозна мајка и татко за кого пиштоли на вода не се за машки деца. Најсложениот животен процес е да воспитуваш деца, ништо посериозно и поодговорно од тоа.
Единствената повратна инвестиција ни се децата. Не треба да се тепаат, треба да се почитуваат. ,,Ќотекот излегол од рајот” затоа што таму не му е место! Но законски регуларна казнена политика може да ни го врати мирот на сите. Рајот е таму каде нема насилие. Удрете по вашата лична, внатрешна фрустрација, удрете од маса, удрете по боксерска вреќа, но не и по најранливите категории. А за деца насилници и убијци, строги норми и закони, без протекции!
Нема подобро завршена работа од трудољубиво воспитани деца. Што ќе вложиш – тоа ќе добиеш.



Трн: Денес често зборуваме за образовен успех преку оценки, просеци, дипломи и титули. Дали општеството плаќа цена кога образованието станува само документ, а не процес на градење човек, мудрост и одговорност?

Татјана Алексиќ: Дипломирани дипломоронци во Дипломоронијава допрва ќе дивеат. Добрите студенти маки мачат и си заминуваат…
Нѐ стаса. После насилно, наменско, политикантско ,,образование” по секоја цена, нѐ стасува цехот, многу поскап од купените оценки и дипломи. Дипломите стануваат оружје за величање на суетите, лечење на комплексите, маскирање на фрустрациите и депозит за заземање високи општествени позиции. Власта ги голта, без да ги преџвака.
Нѐ стасува војна на експерти со високи школи. Се тепаме со дипломи, се натпреваруваме со просеци, се политизира и драматизира на тема ,,кој што и како (не) завршил”. Се препукуваме со ,,знаења”, а мудриот колку и да учи и осознава ,,знае дека ништо не знае”, па му е непријатно да се фали со своето знаење.
Го цитирам Сократ кој не напишал книга ама го оставил знаењето на своите ученици и следбеници, што е побитно и од пишувањето книги. Особено денес, кога со ВИ можеш да напишеш сѐ, да пееш и сликаш. Но во реалноста, можеш да се сликаш, ако си празен од внатре. Знаењето не сака фалоспеви, никогаш не ја почнува реченицата со ,,јас” и не завршува со ,, јас и никој друг”. Знаењето е витештво, џентлменство, тивко тежнеење кон индивидуација, чекорење кон мудроста која е коефициент на искористена памет.
Кога интелектуалецот ќе се одрекне од автентичната улогата на бранител на универзалните вредности, неговата „големина“ се смалува, се собира како шагринска кожа од истоимениот роман на француски реалист Балзак. Колку повеќе се смалува веќе продадената кожа, пропорционално со похотата и суетата, толку повеќе кожоносецот сака да се докажува, да се тепа, расправа, напаѓа и војува. Конфликтните луѓе се дебелокожци, не се витези. Нивната чувствителност е поврзана само со нив и баш им е гајле за остатокот од светот.
Конфликтите има своја предигра, длабоко во себството, во внатрешниот конфликт. Неизлечив и најопасен. Војната не стивнува и не е завршена, сѐ додека има гладни деца. А допрва ќе се гладува. Наместо храна ќе јадеме од дипломите на науките кои го туркаат светот во војни.
Вистински интелектуалец и образован човек не води војни, тој е лидер кој обединува.
Трн: Со години работите со ученици и надвор од класичната училница, преку претстави, мјузикли и креативни процеси. Може ли културата да биде простор во кој детето наместо да ја празни фрустрацијата преку насилство, учи да ја претвори во збор, движење, песна, сцена?
Татјана Алексиќ: Не само да може туку и треба! Тоа се креативни, но и работни ангажмани надвор од училницата. Многу наши Корчагинци, членови на драмската и хорска секција добро знаат како им поминувале саботите додека вежбале со мене во свечената сала. Тие се веродостојни сведоци дека и аматеризмот е уметност кога се работи во име на уметноста и културата, за општо добро. Некои од нив веќе се со завршено студии на ФДУ или во музичките води со професионални ангажмани…
Трн: Што се случува кога училиштето ќе им даде сцена, улога, текст, музика и доверба на учениците? Може ли тогаш образованието да стане простор во кој тие учат дисциплина без страв, работа со други и можност да се видат себеси поинаку?
Татјана Алексиќ: Се случуваат преполни сали на чии сцени биле поставени корчагинскитр мјузикли во хуманитарни цели. Се случуваат неповторливи сцени на средношколски мали радости за големи подвизи, она што ќе им остане во сеќавање. Се случува спонтана, суптилна индивидуација, учење и воспитување за кои што нема оценки. Има само мали радости за идните големи професионалци. Моја радост е нивната радост!



