Холандска болница прими пациент со сомнеж за ебола

Универзитетската болница „Радбауд“ во Нијмеген прими пациент со благ сомнеж за ебола, додека СЗО предупредува на висок ризик од епидемијата во ДР Конго.

Холандска болница соопшти дека примила пациент кај кого постои „благ сомнеж“ за инфекција со вирусот ебола. Пациентот е сместен на набљудување во специјализирана изолациска единица, а резултатите од тестирањето се очекуваат во текот на викендот.

Случајот е регистриран во Универзитетската болница „Радбауд“ во Нијмеген, на истокот на Холандија. Од болницата не објавија детали за пациентот, ниту информации за неговото неодамнешно движење.

Веста доаѓа во период кога Светската здравствена организација предупреди дека епидемијата на ебола во Демократска Република Конго сега претставува „многу висок“ ризик за јавното здравје во земјата. Претходно ризикот беше оценет како „висок“.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека во ДР Конго има сомнеж за 750 заразени лица, како и 177 смртни случаи кои веројатно се поврзани со вирусот.

Истата холандска болница неодамна беше во фокусот и по друг случај. На 11 мај, 12 членови на медицинскиот персонал беа ставени во карантин откако лекувале пациент позитивен на хантавирус, евакуиран од крузерот „МВ Хондиус“.

Според информациите, при земање крв и урина од заразениот пациент не биле целосно почитувани строгите протоколи, по што болницата презела мерки за претпазливост.

е-Трн да боцка во твојот инбокс