Размена и поправка на играчки, мозаици и проекција на „Буба Бу“ овој викенд во „Скопје сити мол“

Македонскиот едукативен канал „Буба Бу“ ќе одржи дводневна програма за деца на која ќе се разменуваат и поправаат детски играчки и ќе се организираат креативни работилници. Настанот ќе се реализира овој викенд, на 28 и 29 ноември, во просториите на „Скопје сити мол“ и киното „Синеплекс“ во рамките на платформата „Заедно знаеме повеќе“.

Активностите се насочени кон поттикнување одржливи навики, креативност и ран детски развој, а се одвиваат според следниот распоред:


  • Размена на детски играчки (сабота и недела, 11:00 – 16:00 часот): Пред киното „Синеплекс“, по повод Европската недела за намалување на отпадот и во соработка со платформата „Штрк“, децата ќе можат да донесат играчка што повеќе не ја користат и да ја заменат со друга од изложените.
  • Работилница за поправка на играчки (сабота и недела, 11:00 – 14:00 часот): На истата локација, во соработка со АРНО и центарот за поправки „Ништо ново“, децата и родителите под менторство на Оливија Георгиевска ќе можат преку рачно шиење и рециклирани материјали да ги поправат омилените меки играчки и кукли.
  • Претставување на каналот „Буба Бу“ (недела, 12:00 часот): Во „Синеплекс“, креаторите Софија и Јаков Спасов и експертот за ран детски развој Драган Даскаловски ќе зборуваат за изборот на квалитетни екрански содржини за најмалите. Потоа следува проекција на новата епизода „Буба Бу во Сонот на игрите“ (за деца од 3 до 5 години) и дружење со ликот Буба, кој го толкува актерката Талија Настова.
  • Работилница „Мозаик – мали зрна, големи уметнички дела“ (недела, 11:00 и 12:30 часот): На вториот кат во молот, децата на возраст од 6 години и постари, под менторство на ликовната уметница Ивана Каранфиловска Угуровска, ќе изработуваат мозаици од природни зрнести материјали.

„Преку овие активности сакаме да поттикнеме навики за повторна употреба, поправка наместо фрлање, одговорен однос кон ресурсите и креативно учење, бидејќи веруваме дека ваквите навики се градат од најрана возраст“, порачуваат организаторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс