Експертите бараат запирање на продажбата на играчки со вештачка интелигенција

Повеќе од 150 организации за заштита на децата и експерти од шест континенти побараа од Amazon и eBay да ја прекинат продажбата на играчки со вештачка интелигенција додека не се докаже дека се безбедни за употреба.

Иницијативата, доаѓа во пресрет на празничната сезона, кога родителите масовно купуваат подароци за своите деца.

Експертите бараат и враќање на парите на купувачите кои веќе набавиле вакви производи. Загриженоста се однесува на приватноста на децата и можноста за несоодветна комуникација со нив.

За разлика од традиционалните интерактивни играчки, оние со генеративна вештачка интелигенција можат да водат разговори, да одговараат на прашања и да создаваат нови приказни.

Но, ваквата технологија отвора прашања за тоа какви информации добиваат децата, дали нивните разговори се зачувуваат и кој има пристап до личните податоци.

Посебен предизвик е способноста на помалите деца да направат разлика меѓу вистински пријател и компјутерска програма што имитира човечка комуникација.

Што треба да проверат родителите пред купувањето?

При изборот на паметна играчка, родителите треба да обрнат внимание на препорачаната возраст, политиката за приватност, можноста за родителска контрола и дали уредот има микрофон што снима разговори.

Важно е да се провери и дали играчката може да се користи без интернет, дали зачуваните податоци можат да се избришат и дали родителите имаат можност да ги ограничат нејзините функции.


Ознаката дека производот користи вештачка интелигенција сама по себе не е гаранција ниту за неговата образовна вредност ниту за неговата безбедност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс