Двајца млади на 20 години загинаа во страшната несреќа на скопската обиколница

МВР потврди дека меѓу четворицата загинати се возачот на „бмв“-то, две 20-годишни лица и уште едно лице чиј идентитет сè уште се утврдува.
ФОТО: Алсат

Две 20-годишни лица се меѓу загинатите во тешката сообраќајна несреќа што синоќа се случи на скопската обиколница, потврди МВР. Во несреќата животот го загубиле возачот на „бмв“-то, 51-годишниот Р.В. од Скопје, сопатниците А.В. и П.М., двајцата на возраст од 20 години, како и уште едно лице чиј идентитет сè уште се утврдува.

Според информациите од МВР, несреќата се случила околу 23 часот, на обиколницата на Град Скопје, помеѓу надвозникот Визбегово и клучката Мирковци. Возачот на товарно возило „ман“ со полуприколка и косовски регистарски ознаки изгубил контрола, преминал преку металната ограда во спротивната насока на автопатот и директно се судрил со патничкото возило „бмв“ со скопски таблички.

Од силниот судир избувнал пожар во двете возила, при што патничкиот автомобил и кабината на камионот целосно изгореле. Пожарот бил изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт кај четирите лица во „бмв“-то.

По наредба на јавен обвинител, телата на починатите се предадени на обдукција. Возачот на камионот, 76-годишниот Б.Б. од Косово, е лишен од слобода и задржан во полициска станица, а по целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс