Знамињата на Европската Унија се спуштени на половина копје по вооружениот напад на главниот плоштад во полскиот град Краков, во кој загинаа шест лица, а 16 беа повредени. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изрази жалење и неверување по нападот, наведувајќи дека знамињата се спуштени во знак на сеќавање на жртвите и како почит кон припадниците на службите за итни интервенции кои реагираа за време на трагедијата.
Сочувство изрази и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Со длабока тага и жалост ја примив веста за терористичкиот напад во Краков. Во име на македонските граѓани, упатувам најискрено и длабоко сочувство до семејствата на жртвите, до повредените и до целиот полски народ.
Овој безумен чин на насилство однесе невини животи, а многу други луѓе се повредени. Во овие тешки моменти, македонскиот народ стои во целосна солидарност со Полска. Ја споделуваме вашата тага и изразуваме длабоко сочувство до сите погодени од оваа трагедија“, порача претседателката.
Инцидентот се случи во саботата попладне, кога маж со автомобил влегол на главниот плоштад во Краков и почнал да пука од возилото. Во нападот загинаа шест лица, а бројот на повредени достигна 16.
Меѓу загинатите, тројца се полски државјани, а еден е британски државјанин. Другите двајца сè уште не биле идентификувани според првичните информации. Меѓу повредените има пет странски државјани од Австрија, Германија, Португалија, Русија и Велика Британија.
Полицијата го идентификуваше напаѓачот како 25-годишен полски државјанин, но не го објави неговото име. Според полицискиот портпарол, осомничениот носел облека во воен стил и поседувал оружје од воен тип. Властите, сепак, потврдија дека тој не бил војник.
Полскиот министер за внатрешни работи изјави дека првичните истраги упатуваат на тоа дека осомничениот бил инспириран од крајнодесничарски идеологии. Тој го опиша како ултранационалист, без да соопшти дополнителни детали.
Напаѓачот се наоѓа во болница. При апсењето возвратил со оган, при што биле повредени и двајца полицајци, од кои едниот е во критична состојба.
Полскиот премиер Доналд Туск соопшти дека во домот на осомничениот биле пронајдени три тела. Полицијата подоцна потврди дека станува збор за членови на неговото семејство: неговиот 53-годишен татко, 52-годишната мајка и 21-годишната сестра, објави Би-би-си.
Во Полска е прогласена дводневна национална жалост.
