Познат е идентитетот и на четвртата жртва во тешката сообраќајна несреќа што синоќа ја потресе јавноста. Станува збор за 20-годишниот скопјанец М.Ѓ., кој загина во директниот судир меѓу товарно возило и автомобил „бмв“ на скопската обиколница.
Претходно МВР соопшти дека во несреќата животот го загубиле 51-годишниот Р.В. од Скопје и двајца 20-годишни сопатници, А.В. и П.М., додека идентитетот на четвртото лице се утврдуваше. Подоцна беше објавено дека меѓу загинатите се и оперскиот пејач, баритонот Ристе Велков, првенец на Националната опера и балет, како и неговиот син.
Несреќата се случила околу 23 часот, на делот од скопската обиколница меѓу надвозникот кај Визбегово и клучката Мирковци. Според информациите од полицијата, камион со полуприколка, управуван од 76-годишен возач од Косово, изгубил контрола, ја пробил металната заштитна ограда и преминал во спротивната лента, каде директно се судрил со „бмв“-то со скопски регистарски ознаки.
По силниот удар избувнал пожар, при што патничкото возило и кабината на камионот целосно изгореле. Лекар од Итната медицинска помош на местото на несреќата само констатирал смрт кај четирите лица во автомобилот.
По наредба на јавен обвинител, телата на починатите се предадени на обдукција. Возачот на камионот е приведен и задржан во полициска станица, а од Обвинителството најавуваат дека постапувањето продолжува и дека во текот на денот ќе бидат соопштени повеќе детали.