По убиството во ресторан на Сењак, српската престолнина ја потресоа ново пукање во Нов Белград и напади со молотови коктели врз локали на Врачар.

Белград под сенка на подземјето: по убиството на Сењак, ново пукање и запалени локали

Белград повторно е под сенка на серија насилни инциденти што српските медиуми и соговорници ги поврзуваат со криминални пресметки. По убиството во ресторан на Сењак, по молотовите коктели фрлени врз угостителски објекти на Врачар, вчера беше регистрирано и ново пукање во ресторанот „Џери“ во Нов Белград, каде едно лице е рането.

Според Н1, пукањето се случило во ресторанот „Џери“ во улицата Трешњиног цвета. Ранетото лице било пренесено во Ургентниот центар и е надвор од животна опасност, а осомничениот напаѓач набрзо бил уапсен. Неофицијално, тој се товари за тешко убиство во обид и недозволено носење оружје.

Пиштолот за кој се сомнева дека бил употребен во нападот бил пронајден во близина на ресторанот, а истрагата треба да утврди дали зад пукањето стои и евентуален нарачател. Српските медиуми објавуваат дека ресторанот „Џери“ бил цел и во февруари годинава, кога пред објектот била фрлена експлозивна направа.

Инцидентот доаѓа само неколку часа по нападите на повеќе угостителски објекти на Врачар, каде биле фрлени молотови коктели и избувнале пожари што брзо биле локализирани. Дел од српските медиуми објавија дека еден од нападнатите објекти бил поврзан со Вук Бајрушевиќ, кој беше застрелан во декември минатата година.

Серијата случаи се надоврзува на убиството во ресторанот на Сењак, кое отвори и посериозни прашања за можни врски меѓу организираниот криминал и делови од полициските структури. European Western Balkans пишува дека случајот на Сењак предизвикал еден од најголемите скандали во српската полиција во последните години, токму поради молкот на институциите и информациите што прво излегувале преку медиуми и социјални мрежи.

Новинарот Вук Цвијиќ за Н1 оценува дека Белград не се соочува само со изолирани инциденти, туку со конфликт во подземјето во кој, според него, може да бидат вовлечени и луѓе блиски до власта. Други соговорници за српските медиуми предупредуваат дека полицијата очигледно тешко се справува со бранот насилство и дека приоритетите на институциите не се насочени доволно кон организираниот криминал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс