„Од самиот почеток ни беше јасно дека анализата ќе открие непријатни вистини“, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус од Социјалдемократската партија на Германија (СПД) во средата, 11 ноември, во Бундестагот. Тој претходно ги претстави резултатите од првата студија за непријавените случаи на сексуално недолично однесување во германските вооружени сили, познати како Бундесвер.
Истражувањето покажува дека сексуалното недолично однесување во Бундесверот е многу пораспространето отколку што досега се претпоставувало. Според Писториус, се пријавува само меѓу една шестина и една третина од случаите.
Министерот најави дека ќе реагира со акциски план и порача дека во Бундесверот ќе важи „нулта толеранција“ кон сексуалното недолично однесување.
„Станува збор за почитување на човечкото достоинство, загарантирано со нашиот Устав. А тоа начело, се разбира, мора особено да важи во Бундесверот“, изјави тој.
Многумина што доживеале вознемирување не сакаат да креваат прашина
Студијата се фокусирала на непријавените случаи, односно на таканаречените „темни бројки“. Центарот за воена историја и општествени науки на Бундесверот испратил прашалници до 45.000 припадници на вооружените сили, а одговориле околу 18 проценти. Анализирани се повеќе од 8.100 прашалници, а податоците се дополнети со индивидуални и групни интервјуа. Според истражувачкиот институт, добиените резултати се научно репрезентативни.
Најчесто изложени на сексуално недолично однесување се помладите жени со пониски чинови. Меѓу мажите, несразмерно почесто се погодени припадниците на вооружените сили кои не се хетеросексуални. Сторителите во најголем дел се мажи.
Истражувањето покажало и дека борбените единици не се разликуваат статистички од останатите делови на армијата. Жените што служат во единици со поголем удел на припаднички, односно над 15 проценти, поретко се изложени на вакво однесување.
Најчест облик на вознемирување е вербалното сексуално вознемирување. Дури 72 проценти од жените и 31 процент од мажите во Бундесверот изјавиле дека барем еднаш во текот на службата доживеале вакво искуство.
Во 12-те месеци пред спроведувањето на анкетата, вербално сексуално вознемирување доживеале 38 проценти од жените и 16 проценти од мажите. Физичко сексуално недолично однесување пријавиле девет проценти од жените и три проценти од мажите. На сексуално насилство биле изложени по два процента од припадниците на двата пола.
Истражувањето ги испитувало и причините поради кои погодените војници и војнички не ги пријавиле инцидентите. Најчесто наведувана причина била желбата да не се крева прашина.
„Очигледно недостигаат информации за тоа како и каде се поднесуваат пријави. Но, сега доаѓаме до она што за мене е клучно: недостигот на доверба во механизмите за пријавување“, заклучи Писториус.
Зелените бараат независно тело за пријавување
Една од мерките по објавувањето на студијата ќе биде подобро информирање на припадниците на Бундесверот за тоа како и кому можат да пријават сексуално вознемирување.
Опозициските Зелени, сепак, сметаат дека тоа не е доволно. Сара Нани, портпаролка на партијата за прашања од областа на одбраната, се залага за формирање независно тело за пријавување, кое би имало истражни овластувања и можност да иницира соодветни дисциплински постапки. Според неа, неопходно е да постои независна институција на која припадниците на армијата ќе можат да ѝ се обратат, особено во случаи кога нивните претпоставени не ги исполнуваат своите обврски.
Една од последиците од истражувањето ќе биде и проширување на системот за поддршка на жртвите. Советувалиштето, отворено на почетокот на ноември, во иднина треба да биде достапно 24 часа дневно.
Дополнителна обука ќе поминат и претпоставените, за да можат посензитивно да пристапуваат кон оваа проблематика.
„Сексуалното недолично однесување ќе биде тема на обуките на сите нивоа, уште од самиот почеток“, изјави генералниот инспектор на Бундесверот, Карстен Бројер.
Начинот на кој претпоставените постапуваат по пријавените случаи ќе стане и постојан критериум при оценувањето на нивната службена работа.
„Оној што не е пример за другите, кој дури толерира недолично однесување или не инсистира на негово доследно разрешување, повеќе нема да извршува раководна функција“, нагласи Писториус.
Расте и бројот на пријавени случаи
Повод за спроведување на истражувањето бил зголемениот број пријави за сексуално недолично однесување што пристигнувале кај тогашната повереничка на Бундестагот за вооружените сили, Ева Хегл. Нејзе најчесто ѝ се обраќале припаднички на Бундесверот.
Хегл уште во 2024 година иницирала спроведување истражување за непријавените случаи. Процесот бил забрзан откако на почетокот на оваа година во јавноста излегоа информации за инциденти во падобранскиот полк во Цвајбрикен, кои исто така вклучувале сексуално недолично однесување.
Актуелниот повереник на Бундестагот за вооружените сили, Хенинг Оте, ги оцени бројките од студијата како „драматично високи“.
Тој посочил дека истражувањето открива и сериозен недостиг на доверба во структурите на Бундесверот. Според него, Министерството за одбрана мора да ги прифати резултатите и да ги претвори во промени во начинот на раководење.
На германската армија итно ѝ се потребни нови припадници, поради што активно се обидува да привлече и повеќе жени во своите редови. Но, резултатите од истражувањето би можеле дополнително да ја отежнат таа задача.
Жените и натаму се значително помалку застапени во речиси сите области на Бундесверот, а откриените размери на сексуалното вознемирување отвораат сериозни прашања за нивната безбедност и положба во германските вооружени сили.
