Најмалку шест лица загинаа во израелски воздушен напад врз болницата Насер во јужниот дел на Појасот Газа, соопшти денеска Министерството за здравство во Газа. Нападот бил извршен рано утрово. Израелската војска соопшти дека целта бил „терорист на Хамас“ и други екстремисти.
Според Министерството за здравство во Газа, погодено било хируршкото одделение на болницата, а меѓу загинатите има и еден лекар. Во нападот биле повредени околу десет лица. Новинската агенција АП јави дека делови од вториот кат на болничката зграда биле уништени.
Болницата Насер, која се наоѓа во градот Кан Јунис, е една од ретките медицински установи што сè уште функционираат во Газа, откако здравствената инфраструктура во Појасот беше тешко разурната во војната.
Израел го обвинува Хамас и неговите сојузници дека ги користат болниците како покритие за воени активности.
