Вчера беше промовирана велосипедската рута „Транс Динарика“, проект што препознава одлична можност за промоција на рекреативниот туризам, историските локалитети, природната убавина и разновидните искуства на местата низ кои поминува рутата, но и зацврстување на локалната економија, создавање можности за вработување и поттикнување на културната размена.
– Оваа рута овозможува запознавање со прекрасните пејзажи на земјите од Западен Балкан, со различните традиции, со храната и приказните од овој регион. Многу посетители, за кои е достапна и детална дигитална навигација, за првпат можат да поминат низ локалитетите, селата и националните паркови на УНЕСКО“, изјави министерот Љутков, кој изрази уверување дека пред нас се уште многу заеднички иницијативи во секторот туризам со кои ќе покажуваме дека само обединети можеме да го претставиме Западен Балкан како атрактивна туристичка и културна дестинација.
-Верувам дека македонскиот туризам, како и туризмот во регионот на Западен Балкан, има светла и обединета иднина. Владата и Министерството за култура и туризам се отворени за соработка во проектите што го развиваат одржливиот туризам, со почитување на животната средина и локалните заедници. Како министер за култура и туризам ќе направам сè што е во наша надлежност за потенцијалите на оваа рута и во иднина да се развиваат, изјави министерот Љутков, додавајќи дека ние сме мала земја која може да понуди многу, а оваа патека е вистинско збогатување на туристичката понуда.
На промотивниот настан се обратија и амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин, и програмскиот менаџер на програмата „Рекономи“, Пауло Родригез.
Велоспедската рута „Транс Динарика“ е проект на Регионалната програма „Рекономи“ („Reconomy“) финансиски поддржана од Шведската меѓународна агенција за развојна соработка, спроведена и управувана од швајцарската меѓународна развојна организација „Helvetas“, во земјите од Источна Европа и од Западен Балкан.
Рутата овозможува возење велосипед 5000 километри низ шест земји од Западен Балкан, вклучително и 605 километри низ нашата држава.