Пчелата живее просечно шест недели, лета до пет километри за нектар и во текот на целиот живот произведува помалку од половина лажичка мед. Сепак, таа е прогласена за најкорисното суштество на планетата и е главниот причинител зошто на нашите трпези има овошје, зеленчук и кафе. На 20 мај, Светскиот ден на пчелата, бројките се позагрижувачки отколку кога и да е, само во САД, во периодот од јуни 2024 до март 2025 беа изгубени 62 проценти од сите пчелни колонии, највисок пад од кога почнало мерењето.

Зошто пчелата е прогласена за најкорисно суштество на Земјат?
Светскиот ден на пчелата го воспостави ОН во 2017 година, по иницијатива на Словенија и со поддршка на меѓународната асоцијација на пчелари Апимондија. Датумот 20 мај е избран во чест на роденденот на Антон Јанша, Словенец роден во 1734 година, пионер на современото пчеларство кого австриската царица Марија Терезија го именувала за прв постојан наставник по пчеларство во Виена.
Пчелата ја прогласи за најкорисно суштество на планетата Меѓународниот сојуз за заштита на природата (IUCN), по анализа на придонесот на сите видови кон одржувањето на животот на Земјата. Образложението е едноставно, пчелите, заедно со другите опрашувачи, се одговорни за опрашувањето на околу 75 проценти од светските земјоделски култури. Без нив, нашата исхрана би била сиромашна во нутриенти, а екосистемите би почнале да се распаѓаат.
Пчелите овозможуваат многу растенија, вклучувајќи голем број земјоделски култури, да се репродуцираат. Светот без опрашувачи би бил свет без разновидна храна: без боровинки, кафе, чоколадо, краставици и многу повеќе. Пчелите служат и како индикатори за здравјето на локалните екосистеми.

Интересни факти за суштеството кое сè уште не го познаваме доволно
Постојат повеќе од 20.000 видови пчели во светот, од кои повеќето живеат во диви услови. Кога зборуваме за пчели, обично мислиме само на медната пчела, но таа е само еден вид во огромна фамилија.
Неколку факти кои го менуваат начинот на кој ја гледаме пчелата: медната пчела во текот на целиот живот произведува само половина лажичка мед, но пат до тој мед е подолг отколку изгледа. Просечната пчела патува до осум километри за да најде нектар. Пчелите градат сачести саќиња со хексагонална форма, најцврстата геометриска форма во природата, која овозможува максимална цврстина со минимална количина восок. Пчелите се целосно слепи за црвената боја, а најдобро ги гледаат сината и виолетовата, затоа привлекуваат повеќе пчели цвеќиња во тие бои: лаванда, жалфија, козмос.
Постои познат цитат, погрешно припишан на Алберт Ајнштајн, кој вели: „Ако пчелата исчезне од лицето на Земјата, на човекот му остануваат само четири години живот.” Изјавата всушност потекнува од леток дистрибуиран во 1994 во Брисел од Националниот сојуз на пчелари, со цел да ги предупреди властите за кризата во пчеларството. Без разлика на потеклото, пораката останува точна по суштина.

Пчелите се незаменливи
Митe Севриевски, пчелар и познавач на пчеларството, ја именува улогата на пчелата јасно и директно.
„Пчелите имаат незаменлива улога во животот на планетата. Тие се главен опрашувач, како на земјоделските култури, така и на сите диви растенија. Клучни се во зачувувањето на биодиверзитетот и здравиот екосистем. Без нив природниот биланс би бил сериозно нарушен, а производството на храна значително намалено”, вели Севриевски.
Неговите зборови ги поткрепуваат и глобалните бројки. Опрашувањето на земјоделски култури од страна на пчелите се проценува на 120 милијарди евра годишно на глобално ниво. Пчелите придонесуваат и за лекови, биогорива, влакна како памук и лен и градежни материјали, далеку надвор од она за кое најчесто се поврзуваат.

Бројките кои треба да не загрижат: 2025 е рекордна во загуби
Загриженоста не е теориска. Нови податоци на Министерството за земјоделство на САД покажуваат дека 1,7 милиони пчелни колонии умреле помеѓу летото 2024 и пролетта 2025, загуба на повеќе од 60 проценти од американските комерцијални пчелни колонии. Истражувачите и експертите велат дека ова е еден од најтешките падови на популацијата на опрашувачи во новата историја.
Уште помрачна е глобалната слика: од 1990 година досега, четвртина од 20.000 познати видови пчели во светот едноставно исчезнале. Главните причинители се добро познати, паразитската грина Варроа деструктор, која се прихранува на телесните масти на пчелите и пренесува вируси; неоникотиноидни пестициди кои го нарушуваат навигацискиот систем на пчелата; губење на природните живеалишта и моно-култури без разновидно цветање. Климатските промени дополнително ги менуваат сезоните на цветање и ги уништуваат природните циклуси на кои пчелите се потпираат со милиони години.

Што може да направи секој
Митe Севриевски е конкретен и во одговорот на прашањето за тоа кои чекори можат да помогнат. „Глобално, климатските промени прават голем проблем на пчелите и секоја активност во намалување или ублажување на климатските промени е добредојдена. Локално, сите ние за да им помогнеме треба да садиме медоносни растенија и цвеќиња. Намалената употреба на пестициди и зачувувањето на чиста животна средина директно придонесуваат за нивниот опстанок”, вели тој.
Темата на Светскиот ден на пчелата 2026 е „Bee Together for People and the Planet”, односно повик за долготрајно партнерство меѓу луѓето и опрашувачите, обликувано низ милениуми на заедничко живеење. Конкретните чекори кои ги препорачуваат ФАО и IUCN вклучуваат: садење разновидни медоносни растенија, особено лаванда, жалфија, матичина и дивозеленчук; намалување или целосно откажување од хемиски пестициди во домашни градини; поддршка на локалните пчелари преку купување домашен мед; и оставање делови од дворовите и зелените површини ненасечени, за да постојат природни живеалишта.
Пчелата живее шест недели. Ако исчезне, последиците ќе траат многу подолго.