УХМР најавува дестабилизација на времето за продолжениот викенд, со пороен дожд, грмежи и засилен ветер на повеќе места во земјата. Локално, процесите може да бидат поинтензивни и да прераснат во невреме со пообилни врнежи и силен ветер.
Утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а слаб дожд е можен во крајните западни и источни делови. Ќе дува умерен северен ветер, кој долж Повардарието ќе засилува и ќе достигнува брзина до 50 километри на час.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец.
Првата нестабилност се очекува во четврток, кога локално ќе има пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Од петок и во деновите од продолжениот викенд, нестабилното време ќе се прошири на повеќе места.
Според најавата на УХМР, локално се можни пообилни поројни врнежи над 20 литри на квадратен метар, грмежи и силен ветер со брзина над 60 километри на час.