Музичкиот тандем Дац и Александар ја претстави новата верзија на култната песна „Ѕма Ѕма Ѕм“, посветена на јубилејниот 80. роденден на композиторот Славе Димитров. Обработката на фестивалскиот хит од 1978 година доби современа кабаре атмосфера и видеоспот кој комбинира снимени кадри со визуелни решенија генерирани преку вештачка интелигенција.
Идејата за преработката потекнува токму од Славе Димитров и неговиот син, продуцентот Дарко Димитров, кој се погрижи за современиот студиски аранжман и продукцијата.
Вокалниот израз на Дац и Александар добива дополнителна енергија со придружните вокали на Маја Гроздановска Панчева и Билјана Ѓошева. Музиката на оригиналната песна е дело на Славе Димитров, напишана на стихови на хумористот и сатиричар Иван Карадак, со која групата „Македонија“ настапи на Скопскиот фестивал пред речиси пет децении.
Спотот ги сместува актерите и музичарите во бајковит, театарски свет со кабаре естетика. Креативниот тим зад проектот искористи современи алатки за вештачка интелигенција за да ги надгради реално снимените сцени, создавајќи хибриден визуелен простор што го поврзува домашниот евергрин со модерните дигитални формати.
Публиката ќе има можност да ја слушне оваа верзија и во живо на сцената на Македонската филхармонија.
На 28 ноември ќе се одржи големиот славенички концерт по повод 80 години од раѓањето на Славе Димитров. Дац и Александар, заедно со Маја Гроздановска Панчева и Билјана Ѓошева, ќе настапат како специјални гости и пред концертната публика ќе го оживеат духот на песната што ја обележа македонската поп-историја.
