Жозе Мурињо е сè поблиску до враќање на клупата на Реал Мадрид, но според шпанските медиуми, португалскиот тренер поставил неколку услови пред да прифати втор мандат на „Сантијаго Бернабеу“.
Жозе Мурињо би можел повторно да седне на клупата на Реал Мадрид, 13 години по заминувањето од клубот. Иако официјална потврда сè уште нема, повеќе извори објавуваат дека португалскиот тренер е во напредни разговори со претседателот Флорентино Перез, а одлуката за неговата иднина се очекува наскоро.
Според шпанскиот новинар Серхио Валентин, Мурињо поставил три клучни услови за враќање во Мадрид. Првиот е договор на две години, со што сака да добие доволно време и стабилност за изградба на нов проект, наместо да биде привремено решение по неуспешната сезона на клубот.
Вториот услов е поголемо влијание врз спортските одлуки, особено околу составот и трансферите. Тоа би било отстапување од вообичаената пракса во Реал, каде клучните одлуки за засилувања најчесто ги носат претседателот Флорентино Перез и генералниот директор Хозе Анхел Санчез.
Третиот услов се однесува на стручниот штаб. Мурињо сака да донесе свој тим соработници и да има поголема контрола врз секојдневната работа со играчите. Дел од шпанските извештаи наведуваат дека кондицискиот тренер Антонио Пинтус не би бил дел од неговите планови, иако околу овој детал има различни информации во медиумите.
Мурињо веќе го водеше Реал Мадрид од 2010 до 2013 година. Во тој период ја освои Ла Лига, Купот на кралот и Суперкупот на Шпанија, а неговиот тим во сезоната 2011/2012 стигна до 100 бодови во првенството и ја прекина доминацијата на Барселона.
Доколку договорот биде официјализиран, враќањето на Мурињо би означило почеток на нова, но и многу чувствителна фаза за Реал Мадрид. Од него веднаш би се очекувале резултати, особено затоа што клубот влегува во нова сезона по период без трофеи и со потреба од враќање на стабилноста во соблекувалната.