Марија Костиќ: Поезијата е бунт

Во интервјуто Костиќ зборува за поезијата како чин на отпор, за неизбежната политичност на секое пишување, за тензијата меѓу естетиката и разорноста, но и за тоа дали стихот може да опстане во време на брзи форми, алгоритми и дигитална површност.

На Скопскиот поетски фестивал, каде што годинава мотото е „Стих против наратив“, разговаравме со српската поетеса Марија Костиќ, авторка чија поезија постојано се движи меѓу темнината и светлината, меѓу разорувањето и создавањето.

Марија Костиќ е родена во 1985 година во Белград. Дипломирала филозофија на Филозофскиот факултет, а потоа завршила интердисциплинарни мастер студии Културна политика и менаџмент во култура и уметност на Универзитетот на уметности во Белград. Уште како средношколка пишувала поезија и кратка проза, од кои дел биле објавувани во книжевни списанија, а за проза има освоено и две Пекиќеви награди. Нејзини песни се објавени во збирката „Таен град – Зборник на поезија од учесници на работилницата за пишување ППМ Енклава 2021“, како и на книжевни портали како Astronaut, Strane, Bludni stih, čovjek-časopis и Oblakoder.

Нејзината книга, која е преведена и на македонски јазик, отвора прашања за јазикот, чувството и пренесувањето на „црната“ како поетска категорија што не е само мрак, туку и простор на преобразба.

Во интервјуто Костиќ зборува за поезијата како чин на отпор, за неизбежната политичност на секое пишување, за тензијата меѓу естетиката и разорноста, но и за тоа дали стихот може да опстане во време на брзи форми, алгоритми и дигитална површност.

Трн: „Како настанува црната“ звучи како процес, а не како состојба. Како кај вас настанува „црната“?

Марија: Црната секогаш постои во мене и во моето доживување на светот и сè додека тие провалии не ги оставам недопрени, таа е малку тешка и застрашувачка. Но штом почнам да ѝ се приближувам, да нурнувам во неа и да ја разложувам, таа се менува – повторно се раѓа чиста и утешна во својата најубава нијанса, како трага на хартија.

Трн: Твојата книга е преведена на македонски. Дали „црната“ звучи исто на друг јазик?

Српскиот и македонскиот јазик се слични, како и духовите на нашите два народа. Преводот во тој смисол е доволно блиску да не ја изгуби суштината (ниту формата), а сепак доволно различен за македонските нијанси на „црната“ да ѝ дадат нов сјај.

Трн: Поезијата која ја пишуваш често се движи меѓу убавото и деструктивното – дали овие две нешта за тебе се неразделни?

Марија: Да. Тие постојано се преплетуваат, почнуваат и завршуваат една во друга. Убавината, материјална или духовна, како и самиот живот, истовремено е вонвременски стабилна и неверојатно кршлива.

Бев многу млада кога првпат се сретнав со „Демијан“ од Хесе и таа книга ме пренесе преку мостот што го дели наивниот детски свет од светот на возрасните. Толку ме помести што и денес се сеќавам во која соба ја читав, каде стоеше вујко ми кога ми ја предложи.

„Птицата се пробива од јајцето. Јајцето е свет. Оној што сака да се роди, мора да разруши еден свет“ тој дел од романот го знам напамет.

Интуитивно тежнеам кон деконструкција во секој аспект од животот, мисловен или практичен. Колку и да знае да биде болна, таа секогаш ми носи светлина. Разорувањето и раѓањето во своите врвови ме допираат на речиси ист начин.

Трн: Доаѓаш на фестивал со мотото „Стих против наратив“. Може ли поезијата денес да им се спротивстави на доминантните приказни?

Марија: Поезијата, под услов да е искрена и автентична, претставува разголување и бескомпромисно преиспитување на поединецот и светот. Како таква, таа е секогаш бунт. Нејзината улога е да им се спротивстави на воспоставените наративи, да ги разоткрие, понекогаш и да ги потврди, но најчесто да ги разложи и надмине.

Трн: Дали поезијата треба да биде политичка или самото пишување е веќе политички чин?

Марија: Поезијата како бунт е еден од најхрабрите и најчистите политички чинови.

Во суштината на поимот „политика“, како што го дефинирале античките Грци, секое дејствување или недејствување на поединецот како дел од заедницата е политичко и треба да тежнее кон индивидуално и колективно добро, доблест и правда.

Иако денес овој поим има претежно негативна конотација поради природата на владејачките структури, сепак не постои чин кој не е политички, се разликува само по интензитет, видливост, свесност и степен на ризик.

Трн: Како гледаш на регионалната поетска сцена – дали делиме слични темнини?

Марија: Мислам дека човекот, од кој било меридијан да доаѓа, суштински ги дели истите темнини.

Разликите и нијансите секако постојат, просечен Швајцарец или Холанѓанец, на пример, тешко може да ги разбере трансгенерациските обрасци и културното (па и трауматското) наследство на нашиот регион.

Но уметниците, секаде и секогаш, на крајот се водени од истиот порив да копаат длабоко под слоевите на географијата, историјата и културата, сè до самата суштина на битието. А таа е секогаш иста.

Трн: Во време на ТикТок и кратки форми – дали поезијата се менува или одбива да се прилагоди?

Марија: Со новите технологии се менува човекот во секој можен смисол, па така и сè што доаѓа од човекот.

Фокусот ни е намален, изложеноста е огромна, а одобрувањето бара прилагодување кон масата. Понекогаш дури и оние со развиен критички апарат мора да се борат да останат верни на сопствената автентичност.

Денес сè е достапно, секој има простор и си дозволува да се нарекува писател или поет, често и без покритие.

Од една страна, социјалните мрежи ја направија поезијата подостапна што е добро. Од друга страна, сè се нарекува поезија, и она што не е.

Сепак, вистинската поезија секогаш, порано или подоцна, го наоѓа своето место.

Трн: Може ли поезијата да биде форма на отпор во ера на дезинформации и политички спинови?

Марија: Ќе се надоврзам на претходнотo, колку што денес сè е брзо, кратко и површно, толку се зголемува жедта за квалитет и длабочина. Сè е циклично и оваа ера на површност ќе се распрсне во некој момент. Поезијата секогаш била и ќе остане упориште на смислата во сите светови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс