Овој град живее од авокадо: „Зеленото злато“ се чува со оружје

Глобалната побарувачка за авокадо го претвори овој мексикански град во милионски бизнис, но и во место каде безбедноста станува сè поважна

Кога денес сечете авокадо за појадок, тешко е да замислите дека зад тој зелен плод стои една од најнеобичните приказни на современиот свет. Додека милиони луѓе на Инстаграм објавуваат тостови и гвакамоле, во еден дел на Мексико се водат вистински битки за контрола над овошјето кое вреди милијарди долари.

Во градот Уруапан, сместен во мексиканската сојузна држава Мичоакан, авокадото не е само храна — тоа е бизнис, симбол на статус и моќ, но и прашање на безбедност кое секојдневно го обликува животот на локалното население.

Зелено злато со темна страна

Побарувачката за авокадо во последниве години експлодираше ширум светот. Луѓето го јадат за појадок, ручек и вечера, рестораните го обожуваат, а социјалните мрежи го претворија во симбол на современиот начин на живот. Уруапан е срцето на светското производство на авокадо — токму од Мичоакан доаѓа најголемиот дел од мексиканското авокадо кое се извезува во Европа, САД и Азија.

Огромната заработувачка, меѓутоа, привлекла и оние кои во авокадото не виделе храна, туку можност за контрола и моќ. Во последниве години, криминални групи сериозно се вклучиле во бизнисот. Земјоделците и сопствениците на плантажи се нашле под притисок на уцени, закани и насилство. Во некои области, производителите морале да плаќаат „заштита” за да можат нормално да работат. Токму затоа се појавиле локални вооружени патроли кои ги чуваат плантажите, патиштата и транспортот на авокадото.

Камиони вредни вистинско богатство

Огромни камиони полни со авокадо секојдневно поминуваат низ патиштата на Мичоакан, а вредноста на еден товар може да биде огромна. Кога цените на авокадото на светскиот пазар растат, расте и интересот на криминалните групи. За многумина звучи неверојатно дека едно овошје бара вооружена заштита — но во Уруапан тоа стана секојдневие.

Локалните жители раскажуваат дека авокадото го сменило целиот крај. Некогаш многу живееле скромно од земјоделство, а денес одредени плантажи носат богатство какво беше незамисливо пред само неколку децении. Градот целосно се трансформирал — е градат нови нови куќи, се отвораат ресторани и продавници, а многу млади луѓе остануваат во регионот токму поради работата поврзана со производството и извозот.

Светот стана зависен од авокадото

Порано авокадото беше релативно егзотична намирница, а денес е глобален феномен. Само во САД, за време на Суперкупот, се трошат огромни количини гвакамоле, а побарувачката од година в година расте.

Климата во Мичоакан е идеална за одгледување авокадо — плодна вулканска почва, надморска височина и поволни временски услови овозможуваат речиси совршени приноси. Многумина велат дека токму тука расте најдоброто авокадо на светот.

Успехот има своја цена

Сè поголемата побарувачка донесе и еколошки проблеми. За да ги прошират плантажите, некои незаконски крчеле шуми, вклучително и подрачја познати по миграцијата на пеперутките монарси. Еколошките организации веќе со години предупредуваат дека неконтролираното ширење на насадите може да има сериозни последици за природата и локалните извори на вода.

Жителите на Уруапан така живеат помеѓу два света — од едната страна авокадото им носи работа, развој и можност за подобар живот. Од другата, доаѓа со проблеми кои вклучуваат криминал, насилство и страв.

е-Трн да боцка во твојот инбокс