Европскиот парламент ги усвои новите правила за лекови: Што ќе се промени за пациентите во ЕУ?

По повеќе од две години преговори, ЕУ ја реформира фармацевтската регулатива со цел да спречи недостиг на лекови, да го подобри пристапот до терапии и да поттикне иновации. Новите правила предвидуваат и посебни мерки за развој на антибиотици и борба против антимикробната отпорност.

Европскиот парламент даде конечно одобрување за голема реформа на фармацевтската регулатива на Европската Унија, со која треба да се подобри снабдувањето со лекови, да се олесни пристапот до терапии и да се поттикнат истражувањата и иновациите во фармацевтската индустрија. По повеќе од две години преговори, новите правила ја заменуваат регулативата стара повеќе од 20 години. Советот на ЕУ ги одобри претходно оваа година, а нивната цел е, покрај подобрата достапност на лековите, да се справат и со растечката закана од антимикробна отпорност.

„Потребни ни се иновации што ќе донесат нови терапии за медицинските потреби за кои сè уште нема соодветно решение, вклучително и ретките болести, заболувањата кај децата и новите антибиотици“, изјави Адам Јарубас, полски европратеник од Европската народна партија (ЕПП) и претседател на Комисијата за јавно здравје на Европскиот парламент. Тој посочи дека Европа мора да обезбеди порамноправен пристап до лекови во сите земји членки, но и тие да останат финансиски достапни. Според него, иновациите треба да одат заедно со конкуренцијата и долгорочната одржливост на здравствените системи.

„Верувам дека постигнавме одговорен и внимателно избалансиран компромис меѓу овие цели“, изјави Јарубас на прес-конференција во средата.

Еве кои се главните промени што ги носи новата регулатива.

Спречување недостиг на лекови

Европската Унија во изминатите години повеќепати се соочуваше со недостиг на лекови. Проблемот достигна рекордни размери во 2023 и 2024 година, создавајќи тешкотии за пациентите и здравствените системи и откривајќи ја зависноста на Европа од надворешни извори на снабдување. Ова го посочува и извештајот на Европскиот суд на ревизори, објавен минатата година.

Недостигот може да биде предизвикан од проблеми во производството, ненадејно зголемување на побарувачката или одлука на производителот да повлече одреден лек од пазарот. Последиците може да бидат привремено или трајно нарушување на снабдувањето.

Новата регулатива воведува обврски за фармацевтските компании со кои треба да се обезбеди континуирана достапност на лековите. Производителите ќе мора најмалку шест месеци однапред да ги известат националните надлежни органи и Европската агенција за лекови (ЕМА) за очекувани прекини во снабдувањето што ќе траат подолго од две недели, како и за привремено прекинување на испораката.

За трајно повлекување лек од пазарот ќе биде потребно известување една година однапред. Се воведува и категоријата „критични лекови“. Станува збор за лекови чиешто отсуство може да предизвика сериозна штета за пациентите или здравствените системи, поради болеста што ја лекуваат или поради недостигот на соодветни алтернативи.

Во оваа категорија спаѓаат и широко користени антибиотици, како амоксицилинот, како и вакцини против заболувања како жолта треска и хепатитис Б. Нивната достапност се смета за неопходна за континуитетот на лекувањето и високо ниво на заштита на јавното здравје во ЕУ.

Полесен пристап до лекови во сите земји членки

Според новите правила, компаниите што поседуваат одобрение за ставање лек во промет ќе мора да вложат максимални напори за да ги пласираат своите производи и да обезбедат континуирано снабдување во сите земји членки на ЕУ. Државите ќе можат да побараат од производителите да обезбедат доволни количества лекови за потребите на пациентите. Ако фармацевтската компанија не ги исполни барањата за снабдување и не обезбеди достапност на лекот во одредена земја членка во рок од три години, ќе ја изгуби регулаторната заштита на пазарот во таа држава.

Договорот ја вклучува и таканаречената „Боларова исклучителна одредба“ (Bolar exemption), со која треба да се олесни влезот на генеричките и биосличните лекови на пазарот.

Оваа одредба им овозможува на производителите на генерички и биослични лекови да спроведуваат истражувања и да ја подготвуваат документацијата потребна за регулаторно одобрување на лек што сè уште е под патент, без да бидат тужени за повреда на патентните права. Тоа е дозволено додека се подготвуваат за добивање одобрение, а не и додека го продаваат производот.

Поголеми стимулации за иновации и конкурентност

Новата регулатива предвидува основна заштита на податоците во траење од осум години за производителите, што е повеќе од шесте години предложени во првичниот предлог на Европската комисија. Дополнително, компаниите ќе добијат уште една година пазарна ексклузивност по добивањето одобрение за ставање лек во промет во ЕУ. Во тој период генеричките и биосличните верзии нема да можат да се продаваат.

Производителите ќе можат да добијат до три дополнителни години заштита под одредени услови: ако развијат лек за медицинска потреба за која сè уште нема соодветна терапија, ако докажат значителна клиничка корист во споредба со постојните третмани или ако развијат лек со нова активна супстанција, при што клиничките испитувања се спроведени во неколку земји членки на ЕУ. Под одредени услови, вкупниот период на пазарна заштита може да достигне најмногу 11 години.

„Сакаме да обезбедиме дополнителни стимулации за иновации во областите каде што пациентите имаат најголеми потреби и каде што тие сè уште не се задоволени“, изјави германскиот европратеник Тимо Велкен, кој ги водеше преговорите во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите.

Тој додаде дека реткоста на одредена болест никогаш не треба да биде причина пациентите да немаат можност да добијат соодветна процена и третман.

Борба против антимикробната отпорност

Новите правила треба да придонесат и во справувањето со антимикробната отпорност – појавата при која микроорганизмите, вклучително и бактериите, развиваат отпорност на лекови што претходно биле ефикасни против нив.

„Ова е европски одговор на големите закани за јавното здравје“, изјави шпанската европратеничка Долорс Монсерат од Европската народна партија, осврнувајќи се на антимикробната отпорност.

„Не можеме да чекаме антибиотиците да престанат да дејствуваат за да преземеме нешто. Мораме да дејствуваме сега“, додаде таа.

Фармацевтскиот пакет воведува и пренослив ваучер за ексклузивност, со кој компаниите ќе се поттикнуваат да развиваат приоритетни антибиотици. Ваучерот ќе овозможи дополнителна година регулаторна заштита на податоците за фармацевтски производ по избор на компанијата.

Сепак, неговата употреба ќе биде ограничена со таканаречена клаузула за блокбастери, чија цел е да се спречи прекумерно оптоварување на националните здравствени буџети. Ваучерот нема да може да се користи за лекови чија годишна бруто-продажба надминала 490 милиони евра во претходните четири години.

Кога новите правила ќе почнат да се применуваат?

Иако Европскиот парламент ја одобри регулативата, нејзините ефекти нема да се почувствуваат веднаш. Фармацевтскиот пакет се состои од два правни акта: регулатива, која ќе се применува директно во сите земји членки, и директива, која државите ќе треба да ја вградат во своите национални законодавства.

Според Европската агенција за лекови, најголемиот дел од новите одредби ќе почнат да се применуваат две години откако законодавството ќе стапи во сила. Овој период треба да им овозможи на земјите и фармацевтските компании да се подготват за новите обврски. Некои мерки, сепак, ќе стапат во сила порано. Одредбите за сигурноста на снабдувањето и стимулациите за развој на нови антибиотици ќе важат веднаш по стапувањето на законот во сила, додека правилата за следење и управување со недостигот на лекови ќе почнат да се применуваат шест месеци подоцна.

Што значи реформата за пациентите?

Ансела Сантос Кинтано, раководителка на програмата „Едно здравје“ во европската организација за заштита на потрошувачите БЕУК, оценува дека новиот фармацевтски пакет е позитивен чекор за пациентите и потрошувачите. „Во целина, фармацевтскиот пакет е позитивен за потрошувачите и пациентите. Тој ќе помогне во задоволувањето на медицинските потреби, ќе го зајакне спречувањето на недостигот и ќе ја подобри достапноста и финансиската пристапност на лековите низ ЕУ“, изјави таа за „Еуроњуз“.

Усвојувањето на новите правила го поздрави и ЕУРOРДИС – Европската алијанса на организации на пациенти со ретки болести. Сепак, од организацијата предупредуваат дека вистинскиот успех на реформата ќе зависи од нејзината примена.

„Сега, кога вниманието се пренасочува кон спроведувањето, законодавството мора да донесе повеќе од регулаторна ефикасност“, изјави Виржини Ивер, раководителка за терапии и пристап во организацијата.


„Вистинскиот показател за успех ќе биде дали ќе се развиваат повеќе лекови за пациентите чии потреби досега биле запоставени и дали тие ќе бидат достапни за сите на кои им се потребни, без оглед на тоа каде живеат во Европа“, додаде таа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс