Австралија воведува закон за безбедност на интернет: Технолошките гиганти се соочуваат со казни од милијарди долари

Австралискиот парламент во средата усвои нов закон за безбедност на интернет, со кој технолошките гиганти би можеле да се соочат со казни од милијарди долари доколку не ги исполнат обврските за заштита на корисниците. Законот за дигитална должност на грижа (Digital Duty of Care Act) бара од големите технолошки компании активно да ги препознаваат и намалуваат ризиците од штетни содржини и однесување на нивните платформи, пред да дојде до последици, соопшти австралиската влада.

Предлогот беше усвоен во Долниот дом на парламентот со 97 гласа „за“ и 43 „против“. Во овој дом мнозинство има владата на Лабуристичката партија, која е од левиот центар. Австралискиот премиер Ентони Албанезе изјави дека законот ќе биде „моќна алатка за заштита на нашите деца и општеството од штетите на интернет, со тоа што одговорноста за побезбедна дигитална средина ќе ја префрли врз технолошките платформи“.

Австралискиот закон по примерот на ЕУ и Обединетото Кралство

Новото законодавство е слично на Законот за дигитални услуги на Европската Унија (DSA), усвоен во 2022 година, како и на британскиот Закон за безбедност на интернет, донесен една година подоцна. Европскиот закон за дигитални услуги е дел од пошироката регулаторна рамка на ЕУ, во која се вклучени и Законот за дигитални пазари и Законот за вештачка интелигенција. Нивната цел е дигиталниот простор да биде побезбеден, поправеден и потранспарентен.

Претходно овој месец, Европската комисија го претстави и предлогот за Закон за дигитална правичност (Digital Fairness Act), со кој се предвидуваат нови правила против манипулативните онлајн практики, поголема транспарентност на цените и посилна заштита на децата.

Опозицијата најавува укинување на законот

Австралискиот опозициски лидер Ангус Тејлор најави дека ќе го укине новиот закон доколку неговата конзервативна Либерална партија победи на изборите во 2028 година. Тој го оцени законодавството како „авторитарно“.

„Овој закон е бланко-чек за политичка цензура. Тој претставува напад врз слободата на говорот, која е суштински дел од нашата демократија“, изјави Тејлор пред парламентот.

Владата во вторникот постигна договор со помалата партија на Зелените за да обезбеди поддршка за законот во Сенатот, каде што ниту една партија нема мнозинство.

Кои услуги ќе мора да ги исполнуваат новите правила?

Австралискиот закон воспоставува минимални безбедносни стандарди за широк опсег дигитални услуги. Тие ќе важат за онлајн-игри, апликации и чет-ботови со вештачка интелигенција. Од компаниите ќе се бара да преземат мерки за заштита на австралиските корисници од содржини и однесување што можат да предизвикаат сериозна штета.


Со ова Австралија се приклучува на сè поголемиот број земји што бараат од технолошките компании да преземат поголема одговорност за безбедноста на дигиталните платформи, наместо да реагираат дури откако ќе се случи штетата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс