Конзорциум предводен од американскиот милијардер Тод Боли на 25 ноември соопшти дека постигнал договор за преземање на меѓународната подружница на санкционираниот руски нафтен гигант Лукоил. Американска државна агенција треба да добие сопственички удел во трансакцијата, што предизвика критики во американскиот Конгрес. За склучување на договорот е потребно одобрение од Министерството за финансии на САД, објави „Киев индепендент“.
Кој стои зад договорот?
Конзорциумот го предводи холдингот „Елдриџ индустрис“ (Eldridge Industries) на Тод Боли. Во него се вклучени и Американската меѓународна финансиска корпорација за развој (DFC), инвестициската компанија „Катена инвестмент холдинг“ (Catena Investment Holding) од Обединетите Арапски Емирати и меѓународната финансиска советодавна компанија „Икстелус партнерс“ (Xtellus Partners). Лукоил е најголемата приватна нафтена компанија во Русија и втора по големина во земјата, по државниот Росњефт. Сојузниците на Украина воведоа санкции против Лукоил како одговор на руската војна против Украина, пишува „Киев индепендент“.
Како треба да се реализира преземањето?
Договорот предвидува конзорциумот преку размена на акции да стекне 100 отсто од сопственичкиот капитал на компанијата „Лукоил интернешнл“ (Lukoil International GmbH – LIG), со седиште во Австрија. За возврат, Лукоил би добил акции од матичната компанија ПАО Лукоил и од други руски компании, со ограничувања за располагање со нив. Ваквата трансакција не предвидува директна парична исплата кон Русија.
Според соопштението на „Елдриџ“, Американската меѓународна финансиска корпорација за развој (DFC) би стекнала сопственички удел во име на САД. Акциите што ќе послужат како надомест за преземањето би се чувале на сметка со ограничено располагање во период од пет години или до укинувањето на санкциите. По завршувањето на трансакцијата, „Лукоил интернешнл“ и нејзиниот имот целосно би биле издвоени од сопственоста на рускиот Лукоил.
Кој имот е опфатен со договорот?
Меѓународното портфолио на компанијата вклучува нафтени и гасни полиња, цевководи, рафинерии и повеќе од 2.000 бензински пумпи во 16 земји. Меѓу рафинериите се „Бургас“ во Бугарија, „Зеланд“ во Холандија и „Петротел“ во Романија. Според податоците на конзорциумот, овие три рафинерии имаат вкупен капацитет за преработка од околу 350.000 барели нафта дневно.
Трансакцијата сè уште не е завршена. Потребно е одобрение од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC), која функционира во рамките на американското Министерство за финансии. Конзорциумот соопштил дека договорот зависи и од завршувањето на деталната анализа на работењето на компанијата, како и од добивањето на другите потребни регулаторни одобренија.
Зошто договорот предизвика критики во САД?
Демократскиот конгресмен Грегори Микс, водечкиот демократ во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, го осуди договорот и побара администрацијата веднаш да го запре учеството на американската државна агенција во трансакцијата. „Оваа администрација одново покажува дека нема да запре пред ништо за да ја зајакне Русија и да ја ослаби Украина. Американскиот народ заслужува да знае зошто американска државна агенција стекнува сопственички удел во портфолиото на руска нафтена компанија додека Русија ја продолжува војната“, изјави Микс.
Договорот на социјалната мрежа Икс го критикуваше и демократската политичка стратегинка и телевизиска водителка Џесика Тарлов.
„САД повторно им притекнуваат на Русите на помош. Ова навистина е с***но“, напиша Тарлов.
