Бројот на починати од ебола во Демократска Република Конго достигна 5.904, додека бројот на заразени се искачи на 12.021, покажуваат податоците на владата. Епидемијата, предизвикана од реткиот сој Бундибуџо на вирусот ебола, беше прогласена во средината на мај во провинцијата Итури, на североистокот на земјата. Оттогаш се проширила во осум од вкупно 26 провинции, објави Ројтерс.
За овој сој на вирусот нема одобрени лекови ниту вакцина. Доцното откривање на случаите, вооружените судири и преоптоварениот здравствен систем придонеле заразата да се шири побрзо отколку во претходните епидемии. Според податоците на Африканскиот центар за контрола и превенција на болести (Africa CDC), само 15 отсто од новите случаи се поврзани со лица што веќе им биле познати на здравствените власти. Ова укажува дека бројни синџири на пренесување на вирусот сè уште не се откриени.
Втора најголема и најсмртоносна епидемија досега
Сегашната епидемија е втората најголема и најсмртоносна досега забележана, по епидемијата во Западна Африка во периодот од 2014 до 2016 година. Тогаш беа заразени повеќе од 28.600 луѓе, а починаа над 11.000. Анализа на сателитски снимки што ја спровел Ројтерс укажува дека официјалниот број на починати во две области на Конго, најтешко погодени од епидемијата, можеби е значително потценет, наведува новинската агенција.
