Кога хантавирусот на крузерот „Хондиус” уби тројца патници и го вознемири светот во мај 2026, СЗО побрза да ја смири јавноста: ризикот е низок и ова не е почеток на пандемија, изјавија официјалните претставници. Но истовремено, раководителката на Одделот за превенција на СЗО Марија ван Керхове додаде реченица која поминала скоро незабележано: „Ова е совршена можност да се потсетиме дека инвестициите во истражување на патогени како оваа се клучни.” Вчера пак СЗО алармираше за нови 62 смртни случаи од Ебола во Африка.
Она што мора да се знае е дека на листата на СЗО со вируси кои имаат пандемиски потенцијал денес стојат осум имиња. За повеќето, вакцина не постои.

Хантавирусот: познат вирус, непознат сценарио
Хантавирусот не е нов. Постои со децении и во Европа циркулира во ендемска форма, пренесуван главно преку глувци. Она што го направи случајот со „Хондиус” вознемирувачки не е самиот вирус, туку контекстот: избивање на затворен брод, со патници од различни земји, кое потсети многумина на првите денови од пандемијата на Ковид-19, кога светот сфати колку глобалните патувања можат да го забрзаат ширењето на вирусите.
СЗО соопшти дека епидемијата на хантавирус на крузерот, која предизвика три смртни случаи, не претставува почеток на епидемија ниту пандемија во оваа фаза. Моментално не постои специфичен лек, а третманот се фокусира на поддршка на дишењето и интензивна нега, додека вакцина сè уште не е достапна. Тоа е токму она кое научниците го нарекуваат проблем: вирусот е познат, но алатките за борба против него се исти како пред триесет години.
Ковид: она што знаеме по петте години
Пандемијата на Ковид-19 беше најголемата глобална здравствена криза од 1918 година. Пандемијата предизвика 15,4 милиони смртни случаи, при што, отсуството на вакцини би го зголемило овој број на 19,4 милиони. Економскиот удар беше еднакво катастрофален комбинирајќи загуби на БДП, монетизирани загуби на животни години и директни и индиректни трошоци, пандемијата предизвика вкупна економска загуба од 10,2 трилиони американски долари.
ММФ проектира дека светскиот БДП во 2024 година е за три проценти понизок во однос на сценариото без Ковид, а за земјите во развој овој број се двојува на шест проценти. Затворањата на училиштата засегнаа 1,6 милијарди ученици во пикот на пандемијата, со долгорочни последици врз образовниот капитал кои сè уште не се целосно мерливи. Петте години по избивањето, научниците имаат јасна порака: Ковид не беше анегдота. Беше предупредување.

Девет вируси кои „не демнат“
СЗО одржува официјална листа на приоритетни патогени со пандемиски потенцијал кои бараат итни истражувања и развој на вакцини. На таа листа денес стојат: Ковид-19, Кримско-конгоанска хеморагична треска, Ебола и Марбург вирус, Ласа треска, МЕРС-КоВ и САРС, Нипа и хенипавирусни болести, треска на Долина Рифт, Зика вирус и познатата непозната под имињето „Болест Х”, односно патоген кој сè уште не е идентификуван. Хантавирусот не е на листата, но последниот случај отвори дискусија за нејзино проширување.
H5N1: птичји грип кој чека еден генетски чекор
Птичкиот грип H5N1 е веројатно најследениот вирус на планетата во моментов. Според СЗО, од јануари 2003 до декември 2024 година биле потврдени 954 случаи на инфекција кај луѓе во 24 земји, со 464 смртни случаи, или стапка на смртност од 48,6 проценти. За споредба, стапката на смртност кај Ковид-19 беше под два проценти.
Клучното прашање не е дали H5N1 убива, туку дали може да научи да се шири меѓу луѓе. Неодамнешна студија покажа дека единствена мутација во геномот на грипот би можела да го направи H5N1 способен за ефикасно ширење од човек на човек, што би можело да поттикне пандемија. Во 2024 година, за прв пат, вирусот беше детектиран кај американски млечни крави, а потоа беше документиран и пренос од крави на луѓе. Професорот Ед Хачинсон од Универзитетот во Глазгов предупреди дека вирусот би можел да се комбинира со сезонскиот грип и да мутира во форма која лесно се шири меѓу луѓето: „Се додека H5N1 циркулира и инфицира луѓе, тој ќе претставува пандемиски ризик.”
Нипа: стапка на смртност до 75 проценти
Ако H5N1 е вирусот со најголем потенцијал за ширење, Нипа вирусот е оној со најголем потенцијал за летален исход. Нипа е смртоносна зоонотска болест со стапка на смртност до 75 проценти и е наведен од СЗО како приоритетен патоген со пандемиски потенцијал. Од 2001 до денес, во Бангладеш биле регистрирани 335 случаи со 237 смртни случаи, стапка на смртност од 70,7 проценти, а исходите за пациентите не се подобриле во 25 години откако биле пријавени првите избивања.
Вирусот се пренесува преку лилјаци, а потоа може да скокне на луѓе преку заразена храна или директен контакт. Засега нема докажана ефикасна трансмисија меѓу луѓе, но научниците предупредуваат дека само неколку мутации го делат Нипа од потенцијална пандемија. Во декември 2025 година, Универзитетот во Оксфорд го лансираше првото светско клиничко испитување во Фаза II на вакцина против Нипа вирус, ChAdOx1 NipahB, во Бангладеш.

Опасни вируси на листата на СЗО
Ебола и Марбург припаѓаат на истото семејство Filoviridae и клинички личат едни на други: хеморагична треска, треска, гастроинтестинални симптоми, потоа крварење. И двата се пренесуваат преку директен контакт со телесни течности на заразена личба или животно, а природен резервоар се плодните лилјаци. Стапката на смртност кај Марбург се движи од 24 до 88 проценти во зависност од епидемијата. Речиси дваесет избивања на Марбург биле пријавени глобално, вклучувајќи неодамнешни случаи во Танзанија во јуни 2023 и јануари 2025 и Руанда во ноември 2024. Во ноември 2025, Етиопија потврди прво избивање на Марбург во историјата на земјата, со шест потврдени случаи и три смртни исходи. Во моментов не постојат вакцини ниту одобрени третмани за Марбург, иако истражувачки кандидати се во развој. За Ебола постои одобрена вакцина, единствена на листата покрај Ковид, но таа е наменета за специфичниот заирски сој и не покрива сите варијанти.
Ласа треска е ендемична во Западна Африка и секоја година предизвикува илјадници заразувања. Проценките укажуваат дека помеѓу 100.000 и 300.000 луѓе се заразуваат годишно, со приближно 5.000 смртни случаи. Вирусот се пренесува преку контакт со урина или измет на заразени глодари, а потоа може да се прошири меѓу луѓе преку телесни течности. Стапката на смртност кај хоспитализирани пациенти со тешка форма е 15 проценти и повеќе, а кај бремени жени во третиот триместар може да надмине 80 проценти. Во 2025 година, Нигерија пријавила 1.171 сомнителен случај, 290 потврдени и 53 смртни исходи само во првите три недели на јануари. Нема лиценцирана вакцина, а антивирусниот лек рибавирин се користи off-label со несигурна ефикасност.
Кримско-конгоанска хеморагична треска е пренесувана преку крлежи и директен контакт со крв или ткиво на заразени животни или луѓе. Стапката на смртност при избивања достигнува 40 проценти и нема достапна вакцина ниту за луѓе ниту за животни. Вирусот е ендемичен на Балканот, Блискиот Исток, Азија и Африка. Во 2023 и 2024 година, Кримско-конгоанската хеморагична треска се врати во Северна Македонија, каде не беше регистрирана повеќе од 50 години. Комбинираната стапка на смртност во двете избивања беше 18,75 проценти. Случаите во Шпанија, каде меѓу 2017 и 2024 биле потврдени 17 случаи, покажуваат дека вирусот активно навлегува во Западна Европа.
МЕРС-КоВ е коронавирус кој првпат беше идентификуван во 2012 година и се пренесува преку директен или индиректен контакт со камили, а потоа и меѓу луѓе. Резервоар се арапските камили на Блискиот Исток, а најголемото избивање надвор од регионот беше во Јужна Кореја во 2015 година. Стапката на смртност е висока, околу 35 проценти. Нема одобрена вакцина, иако кандидати се во напредни фази.
Треска на Долина Рифт е зоонотска болест пренесувана преку комарци и директен контакт со телесни течности на заразени животни, особено овци, говеда и кози. Во 2025 година, Сенегал се соочи со своето најсериозно избивање на Треска на Долина Рифт во декади, со 360 потврдени случаи и 21 смртен исход, откако Министерството за здравство во септември прогласи сериозна епидемија. Постојат вакцини за животни, но за луѓе ниту една не е лиценцирана, иако некои се во фаза II клинички испитувања.
Зика вирус ги доби насловите во 2015 и 2016 кога епидемијата во Бразил го поврза вирусот со микроцефалија кај новородените деца. Пренесуван преку комарци од родот Аедес, вирусот кај возрасни предизвикува релативно благо заболување, но кај бремени жени носи сериозни ризици за плодот. Нема одобрена вакцина. Вирусот циркулира ендемски во тропскиот и суптропскиот појас.
Болест Х е единствената ставка на листата без конкретно лице, концепт кој го воведе СЗО за да означи патоген кој сè уште не е познат на науката, но кој теоретски би можел да предизвика глобална здравствена вонредна состојба. По дефиниција, за таков патоген не постои ниту вакцина ниту третман. Управно затоа СЗО инвестира во т.н. платформни технологии: системи за развој на вакцини кои може брзо да се адаптираат штом новиот патоген биде идентификуван.

Вакцини: брза наука, бавен пазар
Ковид-19 го промени разбирањето за тоа колку брзо може да се развие вакцина. Вакцините против САРС-КоВ-2 беа развиени за помалку од 12 месеци, рекорден рок во историјата на фармацевтиката, благодарение на мРНК технологијата пионирана од Модерна и Пфајзер/БионТек. Но за повеќето вируси на листата на СЗО, вакцини сè уште не постојат.
Причините се комбинација на наука и пазар. Вирусите со ограничени избивања, какви се Нипа и Марбург, не создаваат доволно голема база на пациенти за традиционални клинички испитувања на ефикасност. Развојот на вакцини против Нипа се соочува со предизвици поради неговата моментална епидемиологија со ограничен број на случаи во избивањата, што ја попречува изводливоста на спроведувањето на испитувања за ефикасност на вакцините.
Деловната логика е уште поедноставна: глобалниот пазар на Ковид-19 вакцини достигна 13,43 милијарди долари во 2024 година и се очекува да нарасне до 29,98 милијарди долари до 2033 година. Целокупниот глобален пазар на вакцини беше проценет на 67,58 милијарди долари во 2024 година и се проектира да нарасне на 113,70 милијарди долари до 2033 година. Фармацевтските компании инвестираат таму каде постои јасен пазар. За вируси без документирана пандемија, тој пазар едноставно не постои, сè додека не е предоцна.
Разликата помеѓу Ковид и следната пандемија
Кога Ковид-19 избувна во декември 2019 година, светот немаше вакцина, немаше протоколи и немаше механизми за брза меѓународна координација. Дванаесет месеци подоцна, првата вакцина беше одобрена. За Нипа вирусот со стапка на смртност 75 проценти, оваа брзина можеби нема да биде доволна.
Тим научници работи на можна нова вакцина за хантавирус, при што е тестиран нов антиген во лабораторија и врз повеќе животински модели. За H5N1, постојат прототип вакцини, но стандардните сезонски вакцини против грип речиси сигурно нема да обезбедат заштита против H5N1. Кај Мпокс, вакцините постојат, но глобалните залихи остануваат ограничени, а ефикасни третмани сè уште не постојат.
СЗО и ЦЕПИ, Коалицијата за иновации во подготвеноста за епидемии, инвестираат во т.н. платформни технологии: системи за развој на вакцини кои можат брзо да се адаптираат за нов патоген откако ќе биде идентификуван. Американскиот Департмент за здравство во јануари 2025 година обезбеди 590 милиони долари за Модерна за забрзување на развојот на мРНК вакцини против потенцијални пандемиски вируси на грип. Концептот е јасен, не чекај пандемија, подготви ги алатките пред неа. Прашањето е дали светот учи доволно брзо.

Македонија: нема случаи, нема паника, но нема ниту самозадоволство
Кога хантавирусот на крузерот „Хондиус” го привлече вниманието на светот на почетокот на мај, македонскиот Институт за јавно здравје брзо реагираше со смирувачка порака. Директорката на ИЈЗ Марија Андоновска изјави дека хантавирусот не е нов вирус и дека постојат два негови типа: европско-азискиот, кој предизвикува бубрежни симптоми, и американскиот, кој дава респираторна симптоматологија и е токму тој кој беше регистриран на крузерот. „Една од варијантите веќе ја имавме во државата и не се пренесува толку брзо. Дури и респираторниот, кој е докажан на крузерот, се пренесува како првиот, од глодач на човек, но постои можност и за пренос од човек на човек”, изјави Андоновска.
ИЈЗ потврди дека располага со целосна опрема, кадар и реагенси за справување со хантавирусот. СЗО и Европскиот центар за превенција и контрола на болести не препорачуваат воведување дополнителни рестриктивни мерки за патување или трговија, а во Македонија нема регистрирани случаи, патници или блиски контакти поврзани со вирусот. Во Европа и Азија најчесто се јавува хеморагична треска со бубрежен синдром, која е регистрирана и во Македонија, додека во Северна и Јужна Америка почест е хантавирусниот белодробен синдром, кој има значително повисока смртност.
И Министерството за здравство денес објави дрка подготвува план за постапување при евентуална ескалација на хантавирусот, откако појавата на кластер поврзан со крузер во Јужниот Атлантик предизвика засилен меѓународен здравствен надзор. Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека е формирана експертска група од повеќе институции, чија задача е да подготви конкретен механизам за реакција доколку се појави потреба од кризно управување во здравствениот систем.
Охрабрувачките изјави, сепак, не ја менуваат пошироката слика: Македонија веќе имала случаи на Кримско-конгоанска хеморагична треска во 2023 и 2024 година, по педесетгодишна пауза, а вирусот е пренесуван токму преку крлежи кои циркулираат и во Македонија. Подготвеноста за изолиран случај е различна работа од подготвеноста за системски одговор на непознат патоген со голема стапка на пренос.