Додека големите технолошки компании и новата генерација AI стартапи се тркаат кон создавање напредна вештачка интелигенција, мал круг врвни истражувачи и инженерски лидери станаа најбараниот кадар во Силициумската долина.
Индустријата на вештачка интелигенција создаде пазар на труд каков што Силициумската долина не видела уште од dot-com ерата. Разликата е што овојпат не се бараат илјадници луѓе, туку неколку стотици експерти способни да градат напредни AI системи на глобално ниво.
„ОпенАИ“, „Мета“, „Гугл ДипМајнд“, „Антропик“, xAI, „Сејф Суперинтелигенс“ и сè поголем број AI стартапи се натпреваруваат за исклучително мал круг врвни истражувачи. Поради тоа, во последните години сè почесто се споменуваат договори вредни стотици милиони долари, огромни пакети акции и кампањи за вработување што лично ги водат директори како Марк Закерберг и Сем Алтман.
Иља Суцкевер
Иља Суцкевер е едно од најголемите имиња во светот на вештачката интелигенција. Како коосновач и поранешен главен научник на „ОпенАИ“, тој имаше клучна улога во развојот на GPT моделите и се смета за еден од архитектите на генеративната AI револуција.
Пред „ОпенАИ“, Суцкевер работел во „Гугл Брејн“, претходникот на „Гугл ДипМајнд“, каде учествувал во развој на технологии што ја поттикнаа револуцијата во длабокото учење.
По кризата во управувањето со „ОпенАИ“ во 2023 година и краткотрајното разрешување на Сем Алтман, Суцкевер ја напушти компанијата и во 2024 година го кооснова стартапот „Сејф Суперинтелигенс“. Иако сè уште нема комерцијален производ, вредноста на компанијата во 2025 година се проценувала на околу 32 милијарди долари.
Суцкевер неодамна откри и дека поседува удел во „ОпенАИ“ вреден околу седум милијарди долари, што го прави еден од најбогатите луѓе во AI индустријата.
Мира Мурати
Мира Мурати, поранешна директорка за технологија во „ОпенАИ“, е уште едно големо име што ја напушти компанијата. Албанско-американската инженерка беше меѓу клучните луѓе зад лансирањето на ChatGPT, DALL-E и GPT-4.
По заминувањето од „ОпенАИ“, Мурати го основа „Тинкинг Машинс Лаб“, стартап што брзо привлече поранешни истражувачи од „ОпенАИ“ и стана еден од најважните нови играчи на AI сцената. Иако компанијата сè уште нема претставено комерцијален производ, нејзината вредност набрзо по основањето била проценета на повеќе од пет милијарди долари.
Нејзината најголема вредност не е само во техничкото знаење, туку и во способноста да привлече врвни AI истражувачи, што денес е една од најважните предности во индустријата.
Александер Ванг
Александер Ванг се прослави како основач на „Скејл AI“, компанија што развиваше клучна инфраструктура за машинско учење, од означување податоци до проценка на AI модели.
Во 2025 година, „Мета“ купи 49 проценти од „Скејл AI“ за 14,3 милијарди долари, со што компанијата беше проценета на 29 милијарди долари. Ванг потоа доби водечка улога во „Мета Суперинтелигенс Лабс“.
Според документи што протекоа во јавноста, неговиот пакет примања е меѓу најголемите во историјата на Силициумската долина: основна плата од еден милион долари, повеќемилионски бонуси и меѓу 100 и 150 милиони долари во акции во период од пет години.
Демис Хасабис
Демис Хасабис е основач на „ДипМајнд“, една од најважните AI истражувачки организации во светот. Компанијата стана позната по AlphaGo, системот што ги победи најдобрите играчи на древната игра го, како и по AlphaFold, моделот за предвидување протеински структури.
AlphaFold2 во 2024 година реши проблем стар повеќе од 50 години, точно предвидувајќи тридимензионални структури на протеини, поради што Хасабис ја доби Нобеловата награда за хемија.
„Гугл“ го купи „ДипМајнд“ во 2014 година, а денес Хасабис го води „Гугл ДипМајнд“, главниот AI оддел на компанијата. Неговата годишна заработка не е јавно објавена, но се проценува дека се мери во милиони долари, додека неговото богатство се проценува на околу 600 милиони долари.
Андреј Карпати
Андреј Карпати е уште еден коосновач на „ОпенАИ“ и едно од највлијателните имиња во AI заедницата. По работата во „ОпенАИ“, тој стана шеф на AI во „Тесла“, каде од 2017 до 2022 година го водеше развојот на автономното возење базирано на невронски мрежи.
Подоцна кратко се врати во „ОпенАИ“, а во 2024 година го основа „Еурека Лабс“. Неговото богатство се проценува меѓу 50 и 150 милиони долари, но неговата вистинска вредност е во влијанието врз инженерската култура и способноста да привлече и инспирира програмери.
Овие имиња покажуваат дека во AI индустријата талентот станува најскапиот ресурс. Компаниите веќе не се борат само за пазарен удел, туку и за мал број луѓе кои можат да ја одредат иднината на технологијата.