Јанез Јанша е номиниран за нов премиер на Словенија и е на чекор до четврти мандат на чело на владата. Неговата Словенечка демократска партија обезбеди коалициски договор со партии од десниот центар, откако досегашниот премиер Роберт Голоб не успеа да состави мнозинство по тесните избори во март.
Иако партијата на Голоб освои еден пратенички мандат повеќе од СДС, тој го врати мандатот откако не успеа да договори коалиција. Јанша потврди дека се создадени услови за поднесување кандидатура за премиер, а гласањето во парламентот се очекува во петок.
Јанша веќе беше премиер на Словенија во три наврати: од 2004 до 2008 година, во периодот 2012-2013 и повторно од 2020 до 2022 година. Неговото враќање би означило политичко поместување надесно во земјата, по периодот на либералната влада на Роберт Голоб.
Словенечкиот политичар важи за еден од најпрепознатливите десничарски лидери во Европа, познат по блискоста со политиките на Доналд Трамп и Виктор Орбан. Формалниот избор ќе зависи од парламентарното гласање, но според досегашните најави, изненадувања не се очекуваат.