Форд најави седум нови модели за Европа по падот на продажбата

Форд подготвува седум нови модели за европскиот пазар до 2029 година, меѓу кои електрични, хибридни, товарни и патнички возила.

Американскиот производител „Форд“ подготвува нова стратегија за европскиот пазар, со која сака повторно да ја зајакне својата позиција по неколку тешки години и пад на продажбата.

Компанијата најави седум нови модели до 2029 година, меѓу кои електрични, хибридни, товарни и патнички возила. Планот беше претставен во Салцбург, во период кога уделот на „Форд“ на германскиот пазар падна на само 3,3 проценти.

Новата стратегија доаѓа по укинувањето на некои од најпознатите модели на брендот, како „Форд Фиеста“, „Форд Фокус“ и „Форд Мондео“. Со новата понуда, компанијата сака да им се приближи на европските купувачи и да ја обнови довербата во брендот.

Голем дел од фокусот ќе биде ставен на товарните возила. Во понудата пристигнува новиот „Форд Ренџер Супер Дјути“, најекстремната верзија на популарниот пикап, наменета за спасувачки служби, шумарство, рудници и војска.

„Форд“ подготвува и целосно електричен доставен модел, „Форд Транзит Сити“, кој ќе биде наменет за градски услови и треба да пристигне до крајот на годината.

До крајот на деценијата компанијата планира и пет нови патнички модели. Меѓу нив се нов европски „Форд Бронко“, компактен SUV, спортски електричен модел од Б-сегментот и два нови кросовери.

Од компанијата потврдија дека дел од помалите модели ќе користат платформа развиена во соработка со „Рено“. Сепак, „Форд“ нагласува дека автомобилите ќе го задржат препознатливиот дизајн и возните карактеристики на брендот.

Компанијата истовремено предупредува дека пребрзата транзиција кон целосна електрификација може да создаде проблеми на европскиот пазар. Затоа бара поголема поддршка за plug-in хибридите, како и побрз развој на инфраструктурата за полнење.

Со оваа стратегија, „Форд“ се обидува да се врати посилно на европскиот пазар, но и да најде рамнотежа меѓу електричната иднина, хибридните решенија и потребите на купувачите кои сè уште не се подготвени целосно да преминат на електрични автомобили.

е-Трн да боцка во твојот инбокс