Мачките и сопствениците делат хормонална поврзаност, покажа јапонско истражување

Сопствениците со повисоко ниво на окситоцин почесто имале мачки со повисоки вредности на истиот хормон.
Фото: Alvesgaspar, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Блискоста меѓу мачките и нивните сопственици има и биолошка димензија. Истражувачи од универзитетите Кјото и Азабу открија поврзаност меѓу нивото на окситоцин кај луѓето и нивните миленици, како и врска меѓу секојдневната близина и попозитивното расположение на сопствениците.

Во истражувањето биле вклучени 19 сопственици и 29 мачки. Во текот на еден месец научниците ги следеле хормоните окситоцин и кортизол преку примероци од урина, при што примероци биле обезбедени од 24 мачки.

Сопствениците со повисоко ниво на окситоцин почесто имале мачки со повисоки вредности на истиот хормон. Повисокиот окситоцин кај мачките бил поврзан и со понизок кортизол и помалку негативни чувства кај нивните сопственици. Меѓу нивоата на кортизол кај луѓето и мачките, пак, немало јасна поврзаност.

За да ја мерат физичката близина во домот, истражувачите користеле мали блутут-уреди на огрлиците на мачките. Луѓето што поминувале повеќе време во близина на милениците пријавувале поголема виталност. Должината на заедничкото живеење не ја покажала истата врска со позитивното расположение.


Наодите, објавени во списанието „iScience“, покажуваат поврзаност, но не докажуваат што е причина, а што последица. Засега останува отворено како секојдневните интеракции меѓу мачките и луѓето влијаат врз нивните хормони и расположение.

е-Трн да боцка во твојот инбокс