OpenAI воведува нов тип реклами во ChatGPT: Ќе зафаќаат многу повеќе простор

Новиот формат со големи фотографии ќе започне да се тестира кон крајот на октомври во САД, а првично рекламите ќе се појавуваат кога корисниците генерираат слики во ChatGPT.

OpenAI воведува нов формат на рекламирање во ChatGPT, кој ќе биде значително повизуелен и ќе зафаќа повеќе простор од досегашните реклами. Тестирањето треба да започне кон крајот на октомври во САД, а доколку форматот се покаже успешен, се очекува подоцна да биде достапен и на други пазари.

Новиот формат ќе користи поголеми фотографии за да им овозможи на корисниците полесно да ги замислат производите и услугите во секојдневниот живот. Од OpenAI велат дека преку ваквите реклами корисниците ќе можат да откриваат нови брендови, да видат како се користат одредени производи и полесно да споредат што им одговара.

Рекламите може да содржат неколку помали фотографии или една голема слика која ќе се протега низ целата ширина на екранот. Во почетната фаза тие ќе се појавуваат само во ситуации кога корисникот генерира слики со ChatGPT, а компанијата уверува дека визуелните реклами ќе бидат јасно одвоени од содржината создадена од вештачката интелигенција и означени како реклами.

Од OpenAI нагласуваат дека рекламите нема да влијаат врз одговорите што ги дава ChatGPT. Тоа значи дека огласувачите нема да можат преку рекламниот систем да го променат начинот на кој моделот одговара на прашањата или содржината што ја генерира.

Компанијата најавува и заштитни механизми со кои рекламите би требало да се исклучат од разговори што вклучуваат емоционална ранливост, чувствителни теми или други ситуации во кои нивното прикажување би било несоодветно. Системот ќе биде следен преку автоматизирани проверки, но и со човечки надзор.

Новиот формат доаѓа во период кога OpenAI постепено го проширува рекламирањето во ChatGPT, што отвора ново прашање за тоа како ќе изгледа границата меѓу разговорот со AI и комерцијалната содржина. Засега, сепак, визуелните реклами ќе останат во тест-фаза и ќе бидат достапни само за корисници во САД.

е-Трн да боцка во твојот инбокс