Мета и Мајкрософт им забрануваат на програмерите да користат Клод

Наместо скапи претплати од над милијарда долари за надворешни алатки, технолошките гиганти ги туркаат инженерите кон сопствени решенија.

Технолошките гиганти Мета и Мајкрософт воведоа строги ограничувања за користење на вештачката интелигенција Клод на компанијата Антропик меѓу своите вработени, објави медиумот Ди Информејшн. Двете корпорации воведоа строги лимити на потрошувачката и ги пренасочуваат програмерите кон сопствени платформи за да ги скратат нагло зголемените софтверски трошоци.

Раководството на Мајкрософт на почетокот од годинава предвидуваше трошок од најмалку една милијарда долари годишно само за интерна употреба на моделите на Антропик. Таа проекција сега е намалена за повеќе од една третина по наредба на менаџментот.

Секторите во Мајкрософт добија задолжителни буџети за пресметковни токени. Во одделот за облак и вештачка интелигенција, месечните лимити за поединечни вработени паднаа од 100.000 долари на околу 10.000 долари. Компанијата сè уште купува капацитети од Антропик за функциите што ги нуди на крајните корисници преку Копајлот, но интерниот пристап за вработените е драстично затворен. Програмерите наместо Клод добија насока да користат решенија од ОпенАИ и сопствената инфраструктура на Гитхаб.

Сличен пресврт се случува и кај Марк Закерберг. Бројот на програмери во Мета кои го користеа асистентот Клод Код се намали од 60.000 на околу 30.000 инженери. Дел од падот е резултат на пролетните отпуштања, но главната причина е интерната директива тимовите да преминат на домашен софтвер.

Инженерите на Мета сега работат со интерните алатки МетаКод, кој веќе брои над 30.000 корисници, и Мјуз Код, кој директно ги користи моделите на компанијата. Мета на почетокот го користеше Клод за развој на својот потрошувачки агент Мјуз, но за официјалното пуштање на производот целосно го замени со сопствена технологија.

Претходно и Пентагон најави дека повеќе не ги користи алатките за вештачка интелигенција на Антропик, потврдил претставник на американското Министерство за одбрана за BBC. Одлуката доаѓа неколку месеци по ескалацијата на спорот меѓу американската администрација и компанијата околу тоа под кои услови моделот Claude може да се користи во воени и безбедносни операции.

„Министерството престана со употребата на производите на Антропик“, соопштил претставникот. Според BBC, процесот на отстранување на Клод траел подолго од првично најавениот рок, иако во февруари американскиот министер за одбрана Пит Хегсет ја означил Антропик како ризик за националната безбедност во синџирот на снабдување и поставил рок од шест месеци за отстранување на нејзините производи од системите на Пентагон.

Берзата веднаш реагираше позитивно на кратењето на трошоците. Акциите на Мета забележаа раст од два проценти, додека вредноста на Мајкрософт се зголеми за 1,4 отсто.

е-Трн да боцка во твојот инбокс