Податочниот центар за вештачка интелигенција што канадската компанија „Бел Канада“ го гради во близина на Реџајна, во провинцијата Саскачеван, е претставен како најголема приватна капитална инвестиција во историјата на Канада. Компанијата тврди дека енергијата ќе ја користи одговорно, без да им ја одзема на локалните корисници. Сепак, жителите се загрижени колку вода и струја ќе троши.
Кога ќе работи со полн капацитет, центарот ќе бара до 1,2 гигавати електрична енергија. Од нив, 300 мегавати ќе доаѓаат од провинциската електроенергетска мрежа, а 900 мегавати од сопствено производство на самата локација. Државното електростопанство на Саскачеван произведува струја од вода, ветер, сонце, јаглен и природен гас, но најголемиот дел од капацитетите се фосилни, иако провинцијата ги има едни од најдобрите услови за ветерна и сончева енергија во земјата.
Компанијата наведува дека центарот ќе користи затворен систем за ладење со вода, комбиниран со воздушно ладење, без приклучок на подземните води или градскиот водовод. Но тоа ја опфаќа само водата што ја троши самиот центар, без водата потребна за производство на струјата со која тој се напојува.
Истражувач од Универзитетот во Саскачеван, кој го проучува управувањето со водите во сливот на реката Асинибојн, каде се гради центарот, објаснува зошто ова е важно. Сувите системи за ладење ја испуштаат топлината преку големи вентилатори и радијатори, но трошат повеќе струја. Влажните системи ја користат водата што испарува, слично како нашето тело кога се поти, па бараат постојан извор на вода.
Производството на струја и денес бара многу вода. Според годишниот извештај на електростопанството, околу 25 отсто од капацитетите во Саскачеван се термоелектрани на јаглен. Тоа значи дека ако мрежата му даде 300 мегавати на податочниот центар, водата за ладење сепак ќе се троши, само на друго место.
Провинциската влада најави обнова и продолжување на работниот век на три термоелектрани на јаглен на југот, кои треба да служат како преоден извор додека не се изградат планираните нуклеарни реактори. И малите модуларни реактори, доколку се изградат покрај акумулацијата Раферти, ќе бараат слично ладење.
Ако Саскачеван го следи примерот на соседна Алберта и ги напојува податочните центрите со природен гас, вода ќе биде потребна и за дупчење, вадење, преработка и транспорт на гасот. Бидејќи провинцијата произведува малку гас, најголемиот дел најверојатно ќе се увезува од Алберта.
Затворените системи навистина ја намалуваат потрошувачката на вода на самата локација, но тоа е само половина од пресметката. За целосна слика, податочните центри мора да ја сметаат и водата потрошена за производство на нивната струја. Поради оддалеченоста на термоелектраните, потрошувачката едноставно се преселува од едно место на друго, а вкупното црпење вода од природата може и да се зголеми.
Регионот има големи сезонски промени во врнежите и температурите, па количината вода во акумулациите варира од година во година. Индустријата, енергетиката, земјоделството и општините не можат секогаш да се прилагодат на тие промени. Затоа надлежните ќе мора да го земат предвид збирното влијание на зголемената побарувачка, особено за време на подолги суши.
