Возачите што патуваат низ Франција ги очекува голема промена на сè повеќе автопати. Класичните наплатни рампи постепено ги заменува дигитален систем на наплата познат како „патарина со слободен проток“. Наместо да запираат и да плаќаат на рампа, возилата минуваат под посебни порти што автоматски ги читаат регистарските таблички, пишува германскиот автомобилски сојуз АДАК.
Новиот систем треба да го забрза сообраќајот и да ги намали гужвите и потрошувачката на гориво. Сепак, постои едно важно правило. Патарината не се наплатува автоматски, туку возачите мора самите да ја платат во рок од 72 часа од минувањето.
На автопатот А4 системот засега важи само на излезот Були, додека на остатокот од делницата патарината и понатаму се плаќа на класичните наплатни станици. На автопатот А41 регистарската табличка електронски се евидентира на влезот кај Шамбери, а наплатната станица на излезот и понатаму работи.
Се планира системот да се прошири и на други делници. Меѓу нив е автопатот А40 меѓу Анмас и Паси, каде што се очекува да се воведе во текот на летото 2027 година. Се разгледуваат и некои правци околу Лион и Гренобл, како и други фреквентни автопати, но за дел од проектите сè уште нема рокови.
Патарината може да се плати преку интернет, со банкарска картичка, со уред за електронска наплата или на одредени автомати на одморалиштата и на продажните места. Точните можности зависат од автопатот и од операторот што управува со него. Кој нема да плати навреме, ризикува казна што во најлош случај може да достигне 375 евра. Затоа, по користењето на ваков автопат, добро е да се провери начинот на плаќање на официјалната страница на операторот.
Со новиот систем се појавија и измами. Возачите добиваат лажни СМС-пораки и е-пораки во кои се тврди дека имаат неплатена патарина, често од само неколку евра. Измамниците се претставуваат како познати оператори, како „Јулис“ или „Венси отороут“, а линковите водат до лажни страници што служат за крадење банкарски податоци.
Затоа не кликајте на линкови од неочекувани пораки и не внесувајте податоци од картичката на непроверени страници. Ако сакате да проверите дали имате долг, самите отворете ја официјалната страница на операторот. Ако веќе сте внеле податоци на сомнителна страница, веднаш контактирајте ја вашата банка.
Француските власти очекуваат дека преминот кон новиот систем само на автопатите А13 и А14 годишно ќе го намали чекањето за дури 1,7 милиони часа. Тоа значи и заштеда од 9,5 милиони литри гориво и околу 30.000 тони помалку емисии на јаглерод диоксид. Слични системи веќе постојат во Италија, Шпанија и Португалија, а промени ги очекуваат и возачите во соседството. Хрватска планира нов систем на електронска наплата на патарината од пролетта 2027 година, со предвидена е-винета
