Астрономите открија тројен ѕвезден систем на само 28 светлосни години од Земјата, кој го доведува во прашање нашето разбирање за тоа како ѕвездите живеат, умираат и меѓусебно си влијаат. Системот го доби името Велопоаи. Го открил меѓународен тим предводен од Институтот Тротие за истражување на егзопланети при Универзитетот во Монтреал, а откритието е објавено во научното списание „Astronomy and astrophysics“.
Системот се состои од две бели џуџиња и едно црвено џуџе. Белите џуџиња се исклучително густи остатоци од ѕвезди слични на Сонцето, кои го потрошиле своето гориво. Црвеното џуџе е ѕвезда многу послаба од Сонцето.
Научниците наишле на оваа необична конфигурација сосема случајно, додека барале планети околу црвеното џуџе. Тие велат дека трагале по планети, а наместо тоа нашле нешто многу поизненадувачко.
Откритието започнало со инструментот СПИРу на Канадско-француско-хавајскиот телескоп на врвот Маунакеа на Хаваи. Инструментот е наменет за откривање егзопланети преку мерење на ситните промени во брзината на ѕвездата што ги предизвикуваат планетите околу неа.
Едно блиско црвено џуџе, сепак, се однесувало поинаку. Научниците измериле промени во брзината од речиси 16 километри во секунда, повеќе од илјада пати поголеми од очекуваното. По неколку години набљудување утврдиле дека невидливиот придружник има маса поголема од половина од масата на Сонцето.
Комбинацијата на голема маса и многу слаба светлина можела да значи само едно: станувало збор за остаток од мртва ѕвезда. Најверојатно објаснување било бело џуџе, иако не можеле да се исклучат ни неутронска ѕвезда, па дури ни црна дупка.
Одговорот го дал телескопот Џемини Север, исто така на Маунакеа. Со неговите снимки со висока резолуција тимот директно го забележал слабиот придружник, кој се покажал како бело џуџе. За второто, многу пооддалечено бело џуџе веќе се знаело дека е дел од системот. Така, црвеното џуџе и едното бело џуџе кружат блиску едно до друго, а второто бело џуџе кружи околу нив.
Белите џуџиња се последната фаза од животот на повеќето ѕвезди, вклучително и на Сонцето, но нивните маси ретко се мерат прецизно. Тимот ја измерил масата на новото бело џуџе со грешка помала од еден отсто. Тоа е драгоцен тест за моделите на ѕвездената еволуција и за физиката на материјата со екстремна густина.
Пред да стане бело џуџе, придружникот бил ѕвезда околу 40 отсто помасивна од Сонцето. Кога станал џин, се проширил стотици пати, а црвеното џуџе морало да биде доволно блиску за драматична средба да биде речиси неизбежна. Во слични системи проширената ѕвезда обично го проголтува придружникот или двете ѕвезди се спојуваат. Спротивно на сите очекувања, црвеното џуџе преживеало и денес е во изненадувачки широка и стабилна орбита.
Научниците признаваат дека немаат јасно објаснување како системот настанал. Затоа следниот чекор е да ги проучат гравитациските односи меѓу трите ѕвезди и да видат дали тие ја објаснуваат неговата необична историја.
Името Велопоаи е избрано преку програмата на Астрономскиот центар „Имилоа“ на Хаваи. Тоа ги спојува хавајските зборови „вело“, што значи наследна или семејна особина, и „поаи“, што значи орбита или кружна патека и може да се преведе како „патека на семејните особини“.
