Наместо забрани, рамнотежа: како да ги подготвиме децата за иднина со вештачка интелигенција?

Стручњаците советуваат родителите да не бараат професии што вештачката интелигенција нема да ги допре, туку да ги вратат децата кон основите. Истовремено децата треба уште рано да научат како да ја користат новата технологија. Клучот, велат тие, е во рамнотежата.

Сè повеќе стручњаци што ја проучуваат вештачката интелигенција им советуваат на родителите да не се обидуваат да погодат кои професии ќе бидат безбедни од неа кога нивните деца ќе пораснат. Наместо тоа, препорачуваат децата и понатаму да решаваат математички задачи со молив и хартија, но и да се запознаат со технологијата уште од мали нозе.

Според нив, децата не треба да се држат подалеку од вештачката интелигенција, туку да научат правилно да ја користат. Затоа дел од експертите критикуваат одлуки како онаа на властите во Њујорк, кои во септември најавија едногодишна забрана за генеративна вештачка интелигенција за учениците во државните училишта до осмо одделение. Иако го разбираат стравот зад таквите мерки, предупредуваат дека ја изневеруваме следната генерација ако не ја подготвиме за светот во кој навистина ќе живее.

Првиот совет е родителите да престанат да бараат професии што нема да ги допре технологијата, бидејќи никој не може да знае кои ќе бидат тие. Неодамна програмирањето се сметаше за сигурен пат до успех. Англија во 2014 година воведе програмирање во наставата уште од петгодишна возраст, а во САД во 2019 година се советуваше дури и рударите да научат да програмираат.

Потоа се појави генеративната вештачка интелигенција и се покажа дека одлично ги врши токму задачите што децата со години ги учеа. Од „Мајкрософт“ во април 2025 година соопштија дека таа пишува дури 30 отсто од кодот во некои проекти на компанијата.

Стручњаците сепак им советуваат на тинејџерите и понатаму да размислуваат за професии како лекар или правник. Во иднина особено ќе бидат ценети луѓето што добро ја познаваат својата област и знаат да ја користат вештачката интелигенција. Но во текот на кариерата треба да бидат отворени за тоа како ќе изгледа нивната работа и кој ќе ги вработува.

Вториот совет е враќање кон основите. Децата ќе мора да знаат доволно математика за да препознаат кога машината згрешила и да читаат критички за да забележат кога чет-ботот измислува факти. Ако премногу се потпираат на технологијата при пишувањето, можеби никогаш нема да научат самостојно да го обликуваат и образложат своето мислење.

Решение се гледа во пристап стар речиси половина век. Британски владин извештај за калкулаторите уште во 1982 година предложил знаењето по математика да се проверува и со калкулатор и без него. Експертите сметаат дека истото треба да важи за вештачката интелигенција во сите предмети. На пример, учениците прво сами да толкуваат песна, а потоа со помош на технологијата да анализираат посложено дело.

Дома се препорачува слична логика: технологијата да се користи во вистинските моменти, но строго да се почитува и времето без уреди. Дел од стручњаците поддржуваат децата да немаат паметен телефон до 14, а друштвени мрежи до 16 години.

Третиот совет е децата да се запознаат со вештачката интелигенција уште во основното училиште. Загриженоста за друштвените мрежи е оправдана, велат експертите, но не смее да прерасне во општ страв од технологијата и нагли забрани. Едноставен пример е дете на кое му здодеало да учи таблица множење, па заедно со родителот, со помош на ChatGPT, смислило игра со виножито и летечки еднорози што носат златници за секој точен одговор.


Најважно е да се најде рамнотежа. Децата треба да научат како технологијата може да им помогне, но и да ја задржат способноста самостојно да размислуваат, учат и решаваат проблеми. Наместо да ги штитат од промените, родителите треба да ги подготват за свет во кој вештачката интелигенција ќе биде дел од секојдневието.

е-Трн да боцка во твојот инбокс