Судири меѓу демонстрантите и полицијата во Косово поради законот за судот за воени злосторства

Жестоки судири пред косовскиот парламент: Демонстранти бараат измени на законот за Специјализираните совети во Хаг по затворската казна за Хашим Тачи. Повредени најмалку 17 лица.

Демонстранти во понеделникот се судрија со полицијата пред зградите на косовската влада и парламентот, барајќи од пратениците да усвојат законски измени со кои ќе се ограничат овластувањата на судот за воени злосторства за Косово во Хаг.

Протестот се случува неколку недели откако судот му изрече затворска казна на поранешниот претседател Хашим Тачи и уште три лица во вкупно времетраење од 81 година за воени злосторства.

Полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите кои фрлаа петарди и камења кон полицајците што ги обезбедуваа зградите на парламентот и владата во центарот на Приштина.

Според полициски извори, најмалку 17 лица се повредени, меѓу кои шестмина полицајци, а тројца демонстранти се приведени.

Претходно истиот ден, пратениците во прво читање ги усвоија измените на законот со кој беше основан судот за воени злосторства на Косово со седиште во Хаг. Демонстрантите подоцна го блокираа парламентот, спречувајќи ги пратениците да излезат и барајќи веднаш второ гласање, кое е неопходно за конечно усвојување на законот.

Судирот го нагласува длабокиот револт во Косово поради пресудите против поранешните борци кои локално се сметаат за херои, но и ги истакнува сè подлабоките поделби во парламентот.

Предложените измени на законот за Специјализираните советa предвидуваат максималната затворска казна да се ограничи на 15 години, да им се овозможи на осудените право на жалба пред Врховниот суд на Косово, казните да се издржуваат на територијата на Косово и да му се даде право на претседателот на државата да дава амнестија на осудените лица.

Ваквите предлог-измени наидоа на скептицизам кај премиерот Албин Курти.

„Сметаме дека овие чекори за измена на законот за Специјализираните совети се избрзани, недоволно анализирани и непромислени“, порача Курти пред пратениците.

Иако дадоа поддршка во првото читање, Курти и неговата партија одбија да го поддржат второто гласање истиот ден за измените поднесени од поранешната партија на Тачи, Демократската партија на Косово (ПДК).

Косово ги основа Специјализираните совети во Хаг во 2015 година под меѓународен притисок, со цел да се процесуираат поранешни борци на Ослободителната војска на Косово (ОВК) за наводни злосторства извршени за време и по војната со Србија (1998–1999).

Минатиот месец судот го прогласи 58-годишниот Тачи за виновен за воени злосторства, вклучително убиства, мачење и незаконско притворање, осудувајќи го на 25 години затвор за дела извршени додека бил висок командант на ОВК за време на конфликтот.

Тачи и останатите тројца сообвинети поднесоа жалби на пресудата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс