Заборавениот „зеленчук“: колку се всушност здрави печурките?

Печурките имаат многу малку калории и масти, а содржат влакна, витамини од Б-групата и минерали. Тие се и еден од ретките извори на витамин Д во исхраната. Нутриционистите советуваат почесто да ги ставаме на трпезата, и тоа различни видови.

Печурките не се насекаде подеднакво популарни. Американците во просек годишно јадат нешто помалку од 1,8 килограми печурки по жител, Јужнокорејците околу 2,7 килограми, а Јапонците дури околу 5,4 килограми. Нутриционистите ги нарекуваат „заборавен зеленчук“, иако технички тие не се растенија, туку габи, и советуваат почесто да ги ставаме на трпезата, и тоа во што поголема разновидност.

Долго време главниот адут на печурките бил тоа што се вкусни, а немаат ништо штетно. Содржат многу малку масти, немаат шеќер и имаат многу малку калории. Нивниот солен, умами-вкус ги прави и одлична замена за оние што сакаат да јадат помалку месо. Нутриционистите советуваат во ќофтињата, тортиљите или сосот со мелено месо дури половина од месото да се замени со ситно сецкани печурки.

За разлика од месото, печурките не се значаен извор на белковини, но содржат здрава комбинација на различни влакна. Меѓу нив се бета-глуканите, растворливи влакна што ги има и во овесот и јачменот и кои помагаат во намалувањето на холестеролот. Телото ги препознава како нешто „малку туѓо“, па може да го поттикнат имунолошкиот систем, а во студиите покажале и ветувачки антиинфламаторни ефекти. Печурките содржат и хитин, нерастворливи влакна што ги хранат корисните бактерии во цревата.

Различните видови печурки содржат витамини и минерали во различни количини, но повеќето имаат калиум, кој помага во регулирањето на крвниот притисок, селен, кој е важен за тироидната жлезда, и витамини од Б-групата, кои имаат важна улога во метаболизмот и во функционирањето на клетките.

Печурките се, покрај збогатеното млеко и масната риба, еден од ретките извори на витамин Д што лесно може да се внесе преку храната. Овој витамин е неопходен за здрави коски, помага во регулирањето на имунитетот и има важна улога за расположението и сонот. Недостигот е чест особено во зима, кога телото создава помалку витамин Д бидејќи сме помалку изложени на сонце.

Возрасните имаат потреба од околу 15 микрограми витамин Д дневно. Со обичните печурки ова е тешко достижно, но една шолја печурки третирани со ултравиолетова светлина или диви печурки изложени на сонце обезбедува голем дел од дневните потреби. Ултравиолетовата светлина го претвора соединението ергостерол во витамин Д. Тоа може да се направи и дома: печурките се ставаат на директно пладневно сонце, со ламелите нагоре, од 15 минути до еден час. Според истражувањата, подолгото изложување не носи дополнителна корист.

Некои студии покажале дека луѓето што јадат повеќе печурки поретко заболуваат од одредени видови рак, меѓу кои и ракот на дојката. Сепак, потребни се дополнителни истражувања, бидејќи е тешко да се издвои ефектот на една намирница кога оние што јадат печурки најчесто јадат и повеќе друго овошје и зеленчук. Стручњаците ги советуваат печурките како дел од општата препорака за исхрана богата со растителна храна.

Печурките се и најзначаен извор на антиоксидансот ерготионеин во исхраната. Кај луѓето со пониски нивоа на ерготионеин во крвта е забележан поголем ризик од когнитивно слабеење, невродегенеративни и кардиоваскуларни болести, иако долгорочни студии што би докажале директна причинско-последична врска засега нема. Една шолја буковки обезбедува околу 10 милиграми ерготионеин, колку што се препорачува дневно, а добар извор се и вргањите, шитаке-печурките и печурката позната како лавова грива.


Додатоците со печурки се лесно достапни, но нутриционистите предупредуваат дека не секогаш може да се знае што содржат. Затоа советуваат предност да им се даде на самите печурки, во што поразновидни форми.

е-Трн да боцка во твојот инбокс