Со доаѓањето на студените денови, градинарството сè повеќе се сели во затворени простори, а вниманието на љубителите на зеленилото се свртува кон собните растенија. Иако монстерите, спатифилумите и хлорофитумите се заштитени од надворешниот студ, зимата и за нив е предизвик. Пократките денови, недостигот на природна светлина и сувиот воздух во загреаните простории ги менуваат нивните потреби. Затоа негата што во лето давала одлични резултати, во зима може да направи повеќе штета отколку корист.
Првото правило е растенијата да имаат што повеќе природна светлина. Добро решение е да ги преместите поблиску до прозорецот, но внимавајте да не бидат на студена промаја, да не го допираат ладното стакло и да не стојат веднаш до радијаторот. Наглите промени на температурата и сувиот воздух можат да предизвикаат пожолтување и сушење на листовите. Ако природната светлина не е доволна, размислете за посебно осветлување за растенија, а саксиите повремено вртете ги за растенијата да растат порамномерно.
Една од најчестите зимски грешки е прекумерното полевање. Повеќето собни растенија во студените месеци растат побавно, па им требаат помалку вода и хранливи материи. Пред полевање проверете колку е влажна почвата и оставете површинскиот слој да се исуши, во зависност од потребите на растението. Премногу влага може да доведе до гниење на коренот. Прихранувањето е добро да се намали или привремено да се прекине, а пресадувањето, освен ако не е неопходно, да се одложи до пролет.
Централното греење го исушува воздухот, што особено тешко го поднесуваат тропските растенија. Едноставно решение е да групирате неколку растенија на едно место. Така околу нив се создава малку повлажна микроклима, која ги ублажува последиците од сувиот воздух. Сепак, оставете доволно простор за воздухот да циркулира, за да не се развијат габични болести. За видовите на кои им треба многу влага, корисен е и овлажнувач на воздухот.
Во зима секој зрак природна светлина е драгоцен, а слојот прашина на листовите им отежнува на растенијата да ја искористат. Затоа на секои една до две недели нежно избришете ги мазните листови со мека, малку влажна крпа од микрофибер. Растенијата на кои тоа им одговара можете повремено и да ги истуширате со млака вода, со што ќе отстраните прашина и дел од штетниците. Избегнувајте многу ладна или многу топла вода и оставете вишокот вода слободно да се исцеди.
Со малку внимание и прилагодена нега, собните растенија можат да останат здрави и во најстудениот дел од годината и спремни да ја дочекаат пролетта и новата сезона на раст.
