Осуммина приведени по пријави за семејно насилство, меѓу нападнатите и деца

Пријавени се напади врз сопруги, поранешна сопруга, партнерка и деца, закани и прекршување судски мерки за заштита. Полицијата поднела и две кривични пријави за претходни случаи.

Осум лица се лишени од слобода вчера и рано утрово по пријави за семејно насилство во повеќе градови, информира Министерството за внатрешни работи. Меѓу пријавените случаи има физички напади врз малолетни деца, следење и закани кон сопруга во бракоразводна постапка, како и непочитување судски мерки за заштита од насилство.

Во Кочани, утрово во 2:30 часот бил приведен К.А. (40). Според пријавата, во домот на роднини на неговата сопруга физички ги нападнал своите малолетни деца и други членови на семејството. Известен е јавен обвинител, а по документирањето на случајот ќе следува соодветна пријава.

Во Тетово, синоќа во 21:20 часот на улицата „Илинденска“ бил приведен Ј.М. (49) од гостиварското село Балин Дол. Неговата 38-годишна сопруга, со која е во бракоразводна постапка, пријавила дека ја следел и ѝ се заканувал.

Според пријавата, претходно, околу 17:05 часот, тој дошол во салонот каде што таа работи и при вербална расправија ѝ се заканил дека ќе ѝ ги одземе двете заеднички малолетни деца. За случајот се известени јавен обвинител и Центарот за социјална работа во Тетово.

Во Кичево бил приведен З.З. (56) од Кичевско поради непочитување судско решение со привремени мерки за заштита од семејно насилство кон неговата 49-годишна сопруга. И тие се во бракоразводна постапка.

Полицијата во Македонска Каменица го привела Г.Г. (34), по пријава дека ѝ се заканувал и физички ја нападнал својата 23-годишна сопруга. Во Гостивар бил приведен М.Е. (32), чија 28-годишна сопруга пријавила дека ѝ се заканувал по телефон додека со двете малолетни деца била во Медицинскиот центар.

Во Куманово биле приведени двајца мажи во одделни случаи. М.М. (26) бил пријавен за агресивно однесување кон својата мајка, а Б.С. (38) за физички напад врз поранешната сопруга.

Во Струмица бил приведен Д.К. (36), по пријава дека синоќа околу 20:50 часот се однесувал агресивно кон 52-годишна жена пред нејзиниот семеен дом. При алкотестирањето му биле измерени 2,58 промили алкохол. Бил задржан во полициска станица и бил известен јавен обвинител.

Во Полициската станица Чаир бил извршен службен разговор со Е.Б. (44) од Скопје, по пријава дека физички ја нападнал својата 39-годишна партнерка.

МВР соопшти и за две кривични пријави за претходни случаи. Во Кочани е поднесена пријава против Ј.Д. (67), поради сомнение за „загрозување на сигурноста“. Според полицијата, на 3 ноември во семејната куќа се однесувал агресивно кон сопругата и ѝ упатувал закани.

Во Делчевско е поднесена кривична пријава против А.Л. (45), поради сомнение за „телесна повреда“ и „загрозување на сигурноста“. Според МВР, на 7 ноември го навредувал своето 13-годишно дете во семејниот дом, а следниот ден се обидел да го нападне со стаклен предмет. Во полициското соопштение се наведува дека потоа дошло до пресметка меѓу нив.

За случаите што дополнително се документираат, од МВР најавуваат соодветни пријави или поднесоци.

Во меѓувреме, насилство насекаде.


Пријатен викенд

е-Трн да боцка во твојот инбокс