Зошто едни пушат и пијат без последици, а други се разболуваат? Одговорот е во гените

Американски научници анализирале повеќе од 1,4 милиони клетки и следеле како реагираат на алкохол, никотин и кофеин. Откриле дека гените и навиките делуваат заедно, а исходот зависи и од видот на клетката. Целта е медицина што однапред ќе го предвиди ризикот за секој човек.

Две лица пушат исто, пијат исто кафе и ист број чаши вино, а само едно од нив подоцна се разболува. Ова е една од најголемите загатки во човечката генетика. Нова студија на научниците од Универзитетот во Чикаго и Универзитетот „Џонс Хопкинс“, објавена во списанието „Сел геномикс“, покажува дека одговорот се крие во тоа како гените и навиките делуваат заедно.

Научниците ова го нарекуваат заемно дејство меѓу гените и околината. Под околина се подразбира сè што не е запишано во ДНК, од хемикалиите на кои сме изложени до тоа што јадеме, пиеме и пушиме. Се смета дека токму овие односи стојат зад голем дел од разликите во ризикот за болести меѓу луѓето.

Двајца неповрзани луѓе се разликуваат на неколку милиони места во својата ДНК, но само околу еден отсто од геномот служи како упатство за создавање белковини. Голем дел од генетските варијации поврзани со болести се наоѓаат во другите 99 отсто, во таканаречените регулаторни региони. Тие не ја менуваат самата белковина, туку, слично на регулатор на светлина, одредуваат колку силно ќе работи одреден ген.

Проблемот е што телото има стотици различни видови клетки, а истата генетска варијација може да се однесува сосема поинаку во цревата, во мозокот или во срцето, па и во различни фази од развојот. Досегашните студии обично проучувале една супстанца во еден вид ткиво. Затоа научниците развиле метод што истовремено ги следи клетките од многу луѓе во многу различни услови.

Користеле клетки од возрасни дарители, кои ги вратиле во состојба во која можат да станат кој било вид клетка. Од нив израснале мали тродимензионални групи клетки, слични на ткивата во раните фази од развојот. Тие биле изложени на алкохол, никотин или кофеин, а потоа секоја клетка била поврзана со нејзиниот дарител. Ова е можно благодарение на технологијата за анализа на поединечни клетки, која постои дури околу една деценија. Вкупно се анализирани повеќе од 1,4 милиони клетки.

Најважното откритие е дека варијациите што ја менуваат активноста на гените само по изложување на некоја супстанција се наоѓаат на поинакви места во геномот од „стандардните“ варијации. Почесто се во делови што ја засилуваат активноста на гените. Токму тие многу почесто се совпаѓаат со местата поврзани со болести.

Како пример, научниците го издвојуваат генот LNX2, кој по изложување на алкохол реагира различно кај различни луѓе, но само во клетките што ја обложуваат внатрешноста на цревата. Таа варијација се совпаѓа со ризичен сигнал за воспалителна болест на цревата. Научниците нагласуваат дека тоа не значи дека алкохолот ја предизвикува болеста. Тоа покажува колку ефектот на генетиката зависи и од супстанцата и од видот на клетката.

Крајната цел е медицина што ќе може да предвиди како ќе реагира секој поединец. Ако знаеме како реагирале сто луѓе, сакаме да знаеме како ќе реагира сто и првиот, а во тоа би можеле да помогнат моделите на вештачка интелигенција. Ова е особено важно за групите што ретко се вклучуваат во клиничките испитувања, како бремените жени, за кои лекарите често мора да се потпираат на сопственото искуство.


Научниците предупредуваат и дека последиците не мора да се видат веднаш. Влијанието врз гените за време на развојот може да остави трага што ќе го зголеми ризикот за дијабетес или срцеви болести дури децении подоцна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс