Охриѓани алармираат дека крајбрежјето на Охридското Езеро, во делот кај поранешната „Ајван плажа“, се заградува со масивен камен ѕид. Фотографиите и реакциите објавени во фејсбук-групата „Пишувајте за Охрид“ покажуваат градежни зафати кои го пресекуваат природниот пристап до водата и ја уништуваат песочната површина, што предизвика бран незадоволство меѓу локалното население.
На фотографиите објавени од локални жители се гледа новоизграден потпорен камен ѕид што се протега долж брегот, одвојувајќи го копнениот дел од езерото. Според сведоштвата во групата, на овој потег речиси целосно е елиминиран природниот песок, а просторот добива бетонско-камена физиономија наместо природна плажа.
Охриѓани во своите реакции отворено прашуваат кој дозволил вакво обликување на крајбрежјето и дали за овие активности постојат соодветни одобренија. Револтот дополнително расте поради фактот што овој дел од брегот со години важеше за слободна и достапна природна зона.
Коментарите под објавата директно се осврнуваат на статусот на Охридскиот Регион и строгите препораки од УНЕСКО за зачувување на природната крајбрежна линија. Граѓаните иронично коментираат дека додека институциите формално се обврзуваат на отстранување на дивоградбите и заштита на екосистемот, на терен никнуваат нови ѕидови и „парапетчиња“.
Дел од реакциите предупредуваат дека со ваквите зафати крајбрежјето се подготвува за узурпација или комерцијална експлоатација со поставување лежалки, наместо да остане отворено јавно добро. Официјален одговор или објаснување од Општина Охрид за намената на овој потпорен ѕид сè уште нема.
Во јули Комитетот за светско наследство на УНЕСКО одлучи Охридскиот Регион да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Одлуката беше донесена на 48. сесија во Бусан, Јужна Кореја, откако „за“ гласаа 16 од вкупно 21 членка на Комитетот. Владата доби уште 5 години да ги спроведе забелешките на УНЕСКО за заштита на регионот, врз основа на потпишано писмо со обврски и приоритети.