Комитетот за светско наследство на УНЕСКО денеска одлучи Охридскиот Регион да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Одлуката е донесена на 48. сесија во Бусан, Јужна Кореја, откако „за“ гласаа 16 од вкупно 21 членка на Комитетот. Владата доби уште 5 години да ги спроведе забелешките на УНЕСКО за заштита на регионот, врз основа на потпишано писмо со обврски и приоритети.
Одлуката е донесена на 48. сесија на Комитетот за светско наследство, која се одржува во Бусан, Јужна Кореја. „За“ да не се впише Охридскиот Регион на Листата на светско наследство во опасност гласаа 16 од вкупно 21 членка на Комитетот.
Основа за одлуката беше потпишано писмо со обврски и приоритети, кое Владата и општините во Охридскиот регион го доставија до УНЕСКО. Македонската делегација во Бусан ја води амбасадорот во Париз, Игор Николов, заедно со државни службеници од неколку министерства.
Пред гласањето, во Нацрт-одлуката на Комитетот стоеше предлог Природното и културното наследство на Охридскиот Регион, кое го делат Северна Македонија и Албанија, да биде впишано на Листата на светско наследство во опасност. Причината: напредокот во исполнувањето на препораките е недоволен, заканите остануваат сериозни, а главните ризици сè уште не се отстранети.
На 18 јули, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата побарала од УНЕСКО рок од шест години за да постапи по забелешките за заштита на Охридскиот Регион. Комитетот одобри пет.
„Тоа е наследен проблем од порано. Ние презедовме активности како ниту една влада претходно“, рече Мицкоски, додавајќи дека претставници на УНЕСКО поминале работен викенд во регионот, ги посетиле сите општини и разговарале со релевантните чинители.
Тој оцени дека проблемите долж охридското крајбрежје се создавани три и пол децении и не можат да се поправат за две години. Според него, процесот зависи и од Албанија, бидејќи Охридското Езеро е заедничко природно наследство.
Одлуките за дозволи за градба, како и уривањето на дивоградбите, се во надлежност на локалната самоуправа. Во периодот 2017-2025 во Охрид се сменија три градоначалници: Јован Стојановски (2017-2018) и Константин Георгиески (2018-2021), двајцата од СДСМ, а од 2021 година функцијата ја врши Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ.
На 47. сесија минатата година, Комитетот исто така предложи Охридскиот Регион да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. Владата тогаш поднесе амандман, а УНЕСКО и додели уште еден грејс-период од една година. Одлуката тогаш беше остро осудена од 40 организации од Македонија, Албанија и други европски земји, кои обвинија дека Комитетот повторно ги игнорирал препораките на сопствените експерти.