Светскиот ден на памукот, 7 октомври, годинава централната конференција се одржува во Ташкент, Узбекистан, земја чиј памук до 2022 година беше под глобален бојкот поради принудна и детска работа во бербата. Според Обединетите нации, секторот обезбедува егзистенција за околу 32 милиони производители и повеќе од 100 милиони семејства во 80 земји. Додека Европската Унија воведува правила со кои производителите ќе треба да плаќаат за текстилниот отпад, во Штип над сто работнички веќе една година чекаат три неисплатени плати.
Четири африкански земји го издејствуваа Светскиот ден на памукот
Иницијативата за Светскиот ден на памукот дојде од Бенин, Буркина Фасо, Чад и Мали, четири африкански производители чија економија во значителна мера зависи од оваа култура. Денот за првпат беше одбележан во 2019 година во седиштето на Светската трговска организација во Женева. Две години подоцна, Генералното собрание на ОН го внесе 7 октомври во својот календар.
Постојаната порака на денот гласи „Памук за добро“. Зад неа стојат бројки што ретко се гледаат на етикета: според ОН, од памучниот сектор зависат околу 32 милиони производители и повеќе од 100 милиони семејства во 80 земји. Пазарот засега не покажува недостиг. Во мајското издание на билтенот „Памукот овој месец“, Меѓународниот советодавен комитет за памук проектира светско производство од 25,9 милиони тони за сезоната 2026/27, наспроти потрошувачка од 25,2 милиони тони.
Ташкент е домаќин по децениски бојкот поради принудна берба
Официјалната конференција годинава ја организираат Владата на Узбекистан и Меѓународниот советодавен комитет за памук, во хотел во Ташкент. Програмата се фокусира на трговијата, преработката и одговорните синџири на снабдување, а воведно обраќање е предвидено и од Светската трговска организација.
Изборот на домаќин носи своја историја. Узбекистанскиот памук со години беше бојкотиран поради системската принудна и детска работа во бербата, а на повикот за бојкот се приклучија 331 меѓународен бренд и трговец. Коалицијата „Памучна кампања“ го укина бојкотот на 10 март 2022 година, откако мониторингот на Меѓународната организација на трудот (МОТ) утврди дека системската принудна и детска работа во бербата во 2021 година била искоренета. До истиот заклучок дојде и Узбечкиот форум за човекови права.
Станува збор за огромна работна сила. Според податоците објавени по укинувањето на бојкотот, за годишната берба во Узбекистан се ангажираат речиси два милиона луѓе.
Колку вода чини една памучна маица и зошто бројката е спорна
Една од најцитираните бројки доаѓа од Светскиот фонд за природа: за производство на една памучна маица се трошат околу 2.700 литри вода, количина доволна за пиење на еден човек во период од 900 дена. Податокот го пренесуваат меѓународни институции и големи медиуми. Истражувачите што се занимаваат со одржлива мода, сепак, предупредуваат дека оригиналниот извор на оваа бројка не може лесно да се следи и дека потрошувачката значително варира во зависност од регионот, начинот на одгледување и фабриката во која се преработува влакното.
Европската агенција за животна средина (ЕЕА) нуди поконкретни европски податоци. Според неа, потрошувачката на текстил е на четврто место по потрошувачка на вода меѓу категориите на домаќинствата во ЕУ, со 12 кубни метри по жител годишно. Најголем дел од оваа потрошувачка се поврзува со перењето и наводнувањето на памучните полиња.
Европејците купуваат по 19 килограми текстил годишно
Просечниот жител на ЕУ во 2022 година потрошил 19 килограми облека, обувки и домашен текстил, наспроти 17 килограми во 2019 година, покажува брифингот на ЕЕА од март 2025 година. Од вкупната количина, осум килограми отпаѓаат на облека. Агенцијата ја споредува оваа количина со голем куфер полн со нов текстил по човек, секоја година.
Отпадот расте паралелно. Земјите членки во 2022 година произвеле околу 6,94 милиони тони текстилен отпад, односно нешто повеќе од 16 килограми по жител. Дури 85 отсто од отпадот од домаќинствата не бил одделно собран, туку завршил во мешаниот комунален отпад. Од 1 јануари 2025 година, одделното собирање текстил е задолжително во целата Европска Унија.
Поголемата промена допрва доаѓа. Европскиот парламент на 9 септември 2025 година ги одобри измените на Рамковната директива за отпад, кои стапија во сила на 16 октомври истата година. Со нив, секој што пушта текстил и обувки на пазарот на ЕУ ќе треба да ги финансира собирањето, сортирањето и рециклирањето преку шеми на проширена одговорност на производителот. Шемите треба да профункционираат до 17 април 2028 година, а микропретпријатијата добиваат дополнителна година.
Висината на надоместоците ќе зависи од трајноста и рециклабилноста на производите. Директивата им дозволува на државите да ги земат предвид и практиките на брзата и ултрабрзата мода при определувањето на износите. Според консултантската куќа СГС, помалку од еден отсто од текстилот во светот се рециклира во нови производи.
Македонските конфекции шијат за Европа, а платите доцнат
Правилата на ЕУ се однесуваат на производите што се продаваат на европскиот пазар, а токму тој е пазарот за кој работат стотици македонски фабрики. Според репортажата на „Еквал тајмс“ од 2024 година, текстилниот сектор во Македонија е во опаѓање, но сè уште вработува речиси 30.000 луѓе, а Штип веќе седум децении е негов центар.
Падот се гледа и во производството. Во ноември 2025 година, производството на текстил било помало за 10,5 отсто, а производството на облека за 14,4 отсто во однос на истиот месец претходната година, покажуваат податоците за индустриското производство што ги пренесе порталот „Трејдинг икономикс“.
Зад бројките стојат конкретни случаи. Над сто работнички и работници од штипските конфекции „Фермактекст“ и „Европа фешн“ веќе една година чекаат три неисплатени плати, придонеси, регрес и отпремнина, објави Телма во јуни. Долгот кон нив надминува 13 милиони денари. Сопственик е германски холдинг, па случајот е поднесен до германскиот Национален контакт пункт за насоките на ОЕЦД. Кристина Ампева од здружението „Гласен текстилец“ праша зошто германските институции покажуваат поголем интерес за македонските работници од домашните.
Меѓународниот притисок веќе дал резултат. Пред три години „Гласен текстилец“ соопшти дека странски модни брендови исплатиле речиси 42.000 евра на 32 работнички од Штип, по неисплатени побарувања од нивниот македонски работодавач. Здружението го опиша случајот како прв од таков вид во земјава и на Балканот.
Платата за живот не постои како категорија во македонскиот закон
Македонија има законски утврдена минимална плата, но платата за живот која ги покрива реалните трошоци за достоинствен живот ,не е признаена како посебна категорија, наведува холандската организација „Фер вер“. Декларацијата за плата за живот ја потпишаа 15 домашни и меѓународни чинители токму на 7 октомври 2022 година, за време на „Текстилијада“ во Штип.
Четири години подоцна, темата останува иста. Јубилејната „Текстилијада 10“, одржана од 1 до 3 октомври во Штип, беше посветена на платата за живот и на економската сигурност на жените.
Европската цел е јасно поставена: до 2030 година текстилот на пазарот на ЕУ треба да биде траен, рециклабилен и произведен со почитување на социјалните права и животната средина.
Но, додека европските правила ја менуваат одговорноста на брендовите за она што се случува со текстилот откако ќе биде фрлен, работничките што ја шијат евтината облека сè уште ја чекаат својата плата. За работничките од „Фермактекст“ и „Европа фешн“, таа сметка не е статистика – ја чекаат веќе дванаесет месеци.