Која е Јустина Широка-Пула, новата претседателка на Косово – и зошто никој не ја праша за верата

Економистка, универзитетска професорка, поранешна министерка и првата жена на чело на Косовската академија на науките и уметностите, Јустина Широка-Пула беше избрана за претседателка со 81 глас. Во земја во која 93,49 отсто од населението се изјаснило како муслиманско, нејзината наводна католичка припадност не беше дел од политичката пресметка.

Косово во вторникот до доцна во ноќта преговараше за претседател. Се преговараше за закони, политички интереси, поддршка и рокови. Но, барем според известувањето на „Kosovo Dispatch“, едно прашање не било на маса: верата на кандидатката.

Набргу по полноќ, Собранието на Косово ја избра Јустина Широка-Пула за нова претседателка со 81 глас „за“. Таа веднаш потоа ја положи заклетвата, а нејзиниот избор го избегна сценариото за нова политичка криза и распуштање на Собранието. Според Ројтерс, станува збор за договор меѓу владејачкото Движење „Самоопределување“ на премиерот Аљбин Курти и опозициската Демократска партија на Косово, пред истекот на уставниот рок.

Широка-Пула е трета жена што ја извршува функцијата претседателка на Косово, по Атифете Јахјага и Вјоса Османи. Но, приказната за нејзиниот избор има уште една димензија која го прави настанот интересен и надвор од дневната политика. „Kosovo Dispatch“ ја опишува како прва католичка претседателка на Косово – земја во која, според конечните резултати од пописот во 2024 година, 93,49 отсто од населението се изјасниле како муслимани, 2,31 отсто како православни и 1,75 отсто како католици.

Токму тука е суштината на приказната: нејзината вера не била политичка валута.

Според „Kosovo Dispatch“, во текот на драматичните преговори во Приштина никој не ја понудил нејзината религиозна припадност како аргумент „за“ или „против“ нејзиниот избор. Не била услов за поддршка, ниту предмет на политичко пазарење. Во земја со огромно муслиманско мнозинство, кандидатката едноставно била проценувана според тоа која е и што носи со себе како јавна личност.

И тоа не е случајно. Уставот на Косово во членот 8 јасно вели дека Републиката е секуларна држава и дека е неутрална во однос на верските убедувања. Тоа значи дека државата не треба да фаворизира една вера, ниту верската припадност да биде критериум за политичка функција.

Од економијата до врвот на државата

Јустина Широка-Пула е родена во 1953 година во Приштина. Нејзината биографија на веб-страницата на Косовската академија на науките и уметностите покажува дека нејзината професионална кариера е речиси целосно поврзана со економијата, академската работа и јавните институции.

Во 1976 година дипломирала на Економскиот факултет во Приштина, а постдипломските студии по теорија и политика на економскиот развој ги завршила во Загреб во 1984 година. Докторирала на Економскиот факултет во Приштина со трудот „Демографски инвестиции и економски развој на Косово“. По краткиот ангажман во Народната банка на Косово, во 1978 година започнала да работи на Економскиот факултет на Универзитетот во Приштина, каде што напредувала до редовна професорка во 2004 година.

Нејзината академска биографија не застанува тука. Според Академијата, Широка-Пула реализирала и постдокторски студии и професионални обуки во странство, меѓу другото на Универзитетот во Линц во Австрија и Универзитетот во Аризона во САД. Во рамките на Универзитетот во Приштина била шефица на Одделот за менаџмент и информатика, членка на Сенатот и на Управниот одбор.

Но, паралелно со академската кариера, таа влегла и во политиката.

Од 2008 до 2011 година била министерка за енергетика и рударство во Владата на Косово. Косовското Министерство за економија потврдува дека во февруари 2011 година ја предала функцијата по три години на чело на ресорот.

Од 2011 до 2014 година била пратеничка во Собранието на Косово од редовите на Демократската партија на Косово. Токму затоа нејзиниот избор денес има и интересна политичка димензија: за претседателка ја предложи Аљбин Курти, лидер на политичка сила различна од партијата во која таа претходно била пратеничка.

Првата жена на чело на Академијата

Пред да стане претседателка на државата, Широка-Пула веќе испиша една историска страница.

Во декември 2025 година беше избрана за претседателка на Косовската академија на науките и уметностите, прва жена на чело на оваа институција. Академијата е основана во 1975 година, а нејзиниот мандат до изборот за претседателка траеше само десетина месеци.

При преземањето на функцијата во Академијата, таа зборуваше за поголема отвореност кон универзитетите и академиите во регионот и Европа, за размена на луѓе и идеи и за вклучување во европски научни проекти.

Тоа е важен дел од нејзиниот профил: Широка-Пула не доаѓа во претседателската палата како класичен партиски политичар кој целата кариера ја изградил во партиските структури. Таа зад себе има децении универзитетска работа, научна кариера, министерска функција, пратенички мандат и, од неодамна, раководење со највисоката научна институција во земјата.

Ќерката на познат прилепски филегрански мајстор

Нејзината семејна приказна, пак, води кон еден поинаков свет уметноста. Широка-Пула е ќерка на косовскиот уметник и мајстор на филигран Симон Широка. За неговото творештво таа подготвила и монографија, а во 2014 и 2015 година учествувала во претставувањето на неговото наследство во Косово и Албанија. Косовските и албанските извори го опишуваат Симон Широка како значаен мајстор на филигранската уметност, чие творештво ги поврзува традиционалниот занает и современата уметност.

Таа во интервјуа зборувала за зачувувањето на неговото наследство и за желбата делата на нејзиниот татко да останат достапни за јавноста. Во нејзината професионална биографија така се среќаваат две наизглед различни линии – економијата и уметноста – кои се спојуваат во нејзината јавна работа.

Претседателка избрана во последната минута

Нејзиниот пат до претседателската функција, сепак, бил многу пократок од нејзината професионална биографија.

Во текот на 6 октомври политичките партии не успеваа да најдат договор за кандидат кој би обезбедил доволно гласови. Според косовските медиуми, Широка-Пула била предлогот на Курти во последните часови од рокот. Лидерот на ПДК, Бедри Хамза, го прифатил нејзиното име, а Собранието потоа ја избра со 81 глас.

Пред изборот на претседателката, Собранието со 88 гласа ги усвои и измените на Законот за Специјализираните совети. Токму ова било дел од политичкиот договор меѓу „Самоопределување“ и ПДК, според Ројтерс и официјалното соопштение на косовското Собрание.

Така, претседателката беше избрана во политички договор во кој имаше многу услови, рокови и пресметки. Само не и услов во која црква оди.

Во земја каде верата не мора да биде политичка карта

Во Косово, каде што повеќе од девет од десет жители според пописот се изјасниле како муслимани, изборот на жена која „Kosovo Dispatch“ ја опишува како прва католичка претседателка носи симболика што оди подалеку од нејзината биографија.

Албанскиот идентитет во Косово, како и пошироко кај Албанците на Балканот, историски постои низ различни верски традиции. Муслимани, католици и православни Албанци делат јазик, културно наследство и национална историја, иако припаѓаат на различни верски заедници.

Во тој контекст, изборот на Широка-Пула е интересен токму затоа што нејзината вера, она што во други политички средини лесно би станало главна тема не била услов за нејзината кандидатура. Косово е секуларна држава. Тоа не е само политичка порака, туку уставна определба.

А најинтересниот дел од оваа приказна можеби е токму она што не се случило. Никој не морал да праша дали една католичка жена може да биде претседателка на земја во која огромното мнозинство се муслимани. Прашањето било дали може да ја добие потребната поддршка.

И ја доби, со 81 глас.

е-Трн да боцка во твојот инбокс