ОкТУБАфест во Филхармонија: Класика, германски полки и пиво

Германскиот тубист Зигфрид Јунг и дуото Компањи го затвораат Скопскиот брас фестивал со балкански дела, рецитал и баварски амбиент.

Скопскиот брас фестивал ја завршува овогодишната програма со настанот „ОкТУБАфест во Филхармонија“, закажан во Филхармонија Бар на 13 октомври со почеток во 18:00 часот. Завршната вечер носи спој на германска гастрономија, класичен рецитал на германското дуо Компањи и настап на домашни музичари. Публиката ќе слушне дела од латиноамерикански и балкански автори, како и традиционални германски полки.

Програмата стартува во 18:00 часот во Филхармонија Бар, каде што посетителите ќе можат да пробаат германски пива и храна. Музичкиот дел се сели на сцена во 20:00 часот со рециталот на дуото Компањи од Германија, кое го сочинуваат тубистот Зигфрид Јунг и пијанистката Сузане Ендрес. Составот бележи настапи низ цела Европа, а за скопската публика подготви репертоар со дела од автори од Латинска Америка и од Балканот.

Јунг ги заврши студиите по туба кај Валтер Хилгерс, поранешен музичар на Берлинската филхармонија. По дипломирањето, тој стана постојан тубист во оркестарот на Националниот театар во Манхајм, а од 2018 година свири и во оркестарот на фестивалот во Бајрит, институција со век и половина традиција што ја основал Рихард Вагнер. Зад себе има три солистички албуми во дует со харфа и пијано, како и солистички настапи со Софиската филхармонија, Филхармонијата „Георг Енеску“ од Букурешт, Банатската филхармонија и Капелата на Санкт Петербург.

На сцената како гости на концертот ќе се придружат и тројца македонски тубисти: Мицко Дамњановски, Ник Де Карло и Александар Ниниќ. Влезниците за овој рецитал се достапни преку продажната мрежа на mktickets.com по цена од 200 денари.

Вечерта продолжува назад во Филхармонија Бар. Таму ќе настапи дувачки состав составен од македонски брас музичари под уметничко водство на Зигфрид Јунг, кои ќе изведат традиционални германски полки. Влезот за овој дел од вечерта во барот е слободен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс