Основци од Кисела Вода снимија кратки филмови посветени на врсничкото насилство и сајбербулингот, користејќи ги сопствените паметни телефони како алатка за социјални промени. Работилницата „Снимај паметно, остави трага“ се одржа во Домот на културата „Билјана Беличанец“ под менторство на режисерката Марија Џиџева, во организација на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ и локалната општина. Детските филмови официјално ќе се прикажат пред јавноста на 14 октомври во киното „Фросина“.
Учениците од осмо и деветто одделение поминаа низ сите етапи на создавање филм. Процесот почна со развивање идеја и пишување сценарио, продолжи со снимање преку мобилни телефони и заврши со монтажа.
Фокусот беше ставен на преточување на личните соочувања со врсничкото насилство во филмски приказни. Наместо телефоните да служат како простор за дигитално вознемирување, децата ги искористија како уред за визуелно раскажување.
Менторката Марија Џиџева посочи дека целта на работилницата е да се отвори директен увид во секојдневието на децата изложени на технологија.
„Работилницата е наменета токму за децата кои секојдневно се изложени на технологијата што придонесува за алармантно зголемување на врсничкото насилство. Целта на овие кратки форми е тимски да создадеме филмови каде што ќе го чуеме гласот на младите, ќе откриеме што ги мачи и ќе им помогнеме на возрасните подобро да разберат како децата денес ги доживуваат булингот и сајбернасилството“, рече Џиџева.
Локалната самоуправа обезбеди просторна поддршка за активностите поврзани со фестивалот. Градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска на отворањето на 11. фестивалско издание под мотото „На прво светло“ најави дека двете сали во општината се ставени на располагање.
„Преку ова партнерство и ставањето во функција на нашите две киносали во Кисела Вода, директно придонесуваме за создавање услови за промоција на филмската уметност, даваме конкретна поддршка на младите автори и ги доближуваме современите културни содржини до граѓаните“, рече Стаменкоска-Трајкоска.
Филмовите на учениците ќе бидат прикажани на големото платно на отворањето на „Киненова“ во киното „Фросина“.