Додека Доналд Трамп патува низ Соединетите Американски Држави за да им помогне на републиканците пред клучните избори за Конгресот, двајца од неговите најблиски политички советници престојувале на Балканот. Џејмс Блер и Крис ЛаСивита, оперативци кои го водат политичкиот штаб на Трамп за изборите, престојувале во Република Српска каде што ѝ помагале на проруската власт пред изборите што се одржаа во неделата, открива „Њујорк тајмс“.
Извори упатени во нивното патување потврдија за медиумот дека Блер и ЛаСивита примиле стотици илјади долари преку една адвокатска канцеларија од Вашингтон, ангажирана од владата на Република Српска. Иако ангажманот формално бил прикажан како советување на институциите за изборните правила, всушност станува збор за отворена помош за владејачката националистичка партија на Милорад Додик, која со години одржува блиски врски со Владимир Путин, наведува влијателниот американски весник.
Владејачките структури во Република Српска пред гласањето тврдеа дека победата им ја загрозуваат новите електронски уреди за броење на гласовите – слични на оние што Трамп со години без докази ги обвинуваше за поразот во 2020 година. Партијата на Додик на крајот убедливо победи, а тој во победничкиот говор му се заблагодари на Путин за поддршката и нагласи дека враќањето на Трамп на власт создало поволна политичка клима за неговата политика.
Ваквото патување во Република Српска се совпаѓа со врвот на изборната кампања во САД. Блер во моментов раководи со главниот донаторски фонд на Трамп, „MAGA Inc.“, кој на сметката има над 400 милиони долари за конгресните избори, додека ЛаСивита е негов виш советник. Портпаролот на фондот, Алекс Фајфер, потврди за „Њујорк тајмс“ дека двајцата и за време на престојот во Босна и Херцеговина ги координирале теренските тимови во Америка.
Ова не е изолиран случај на соработка на кругот околу Трамп со Бања Лука. Според официјалните податоци на американското Министерство за правда што ги наведува весникот, на оперативци и лобисти поврзани со Трамп од почетокот на минатата година им се исплатени повеќе од четири милиони долари. Најголемата политичка победа на таа лобистичка операција беше одлуката на администрацијата на Трамп кон крајот на минатата година да ги укине долгогодишните санкции против Додик, неговото семејство и соработниците.
Додик со години градеше имиџ на балканска верзија на Доналд Трамп, прикажувајќи се како жртва на политички прогон и судски процеси. Иако правосудството во БиХ го осуди поради непочитување на одлуките на меѓународната управа, поддршката од американските конзервативци му донесе пресуден политички замав, пишува „Њујорк тајмс“, потсетувајќи дека во април Бања Лука ја посети и Доналд Трамп Помладиот.
Врските продолжија и на највисоко ниво. Жељка Цвијановиќ, која на изборите го потврди мандатот во Претседателството на БиХ, минатиот месец во Белата куќа се состана со шефицата на кабинетот на Трамп, Сузи Вајлс. Состанокот го организираше поранешниот оперативен соработник на Трамп, Алекс Гарсија, чија компанија добива по 35 илјади долари месечно за застапување на интересите на Република Српска.
Поранешниот гувернер на Илиноис, Род Благојевиќ, чија фирма од март наплатила повеќе од 1,3 милиони долари од Република Српска, отворено ја сумираше природата на овој бизнис: „Во Србија и во Српска го обожаваат Трамп. Да се биде покрај него таму носи огромен политички плус“.