Новиот систем за контрола на патниците на границите на Европската Унија може да предизвика неочекувани проблеми дури и по завршувањето на патувањето. Поради нерегистрирано излегување од Шенген-зоната, некои патници во системот се водат како да го пречекориле дозволениот престој од 90 дена во период од 180 дена. За грешката може да дознаат дури при следното преминување на границата.
Новиот систем за влез и излез од ЕУ (ЕЕС) веќе предизвика проблеми на граничните премини, особено во текот на летото, кога некои земји ги ублажуваа контролите за да ги намалат метежите. Сега се посочува уште еден недостаток – можноста патниците погрешно да бидат означени како лица што го пречекориле дозволениот престој.
Европската Унија почна да го воведува ЕЕС во октомври 2025 година, а од 10 април 2026 година системот стана задолжителен во 29 земји. Тој го замени печатирањето на пасошите и дигитално ги евидентира влезовите и излезовите од земјите опфатени со системот, со исклучок на Кипар и Ирска, како и Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.
Целта на системот е автоматски да го открива пречекорувањето на дозволениот престој. Државјаните на земји што не се членки на ЕУ можат да престојуваат во Шенген-зоната најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена. Но, доколку излегувањето на патникот не е регистрирано, системот продолжува да ги брои деновите на неговиот престој и откако тој веќе ја напуштил Шенген-зоната.
Што да направите ако системот погрешно ве означи како лице со пречекорен престој?
Патниците можат да проверат колку денови поминале во Шенген-зоната во претходните 180 дена преку интернет-страницата на ЕЕС.
Доколку забележат неправилности, како погрешен број евидентирани денови или известување дека постојат „нецелосни податоци“, треба да се обратат до надлежниот контролор на податоците (Data Controller) во земјата во која сметаат дека настанала грешката. Списокот на надлежни контролори на податоците е достапен на интернет-страницата на ЕЕС.
При обраќањето преку електронска пошта, потребно е да достават скенирана копија од пасошот и доказ дека ја напуштиле Шенген-зоната, како што се авионска, автобускa или железничка карта.
