АфД го кандидира Томас Бертолд, поранешниот фудбалски репрезентативец и играч на Баерн за претседател на Германија

Германската десничарска партија за кандидат го избра Томас Бертолд, светски шампион од 1990 година, кој за време на пандемијата на коронавирусот се истакна како жесток противник на епидемиолошките мерки.

Германската партија Алтернатива за Германија (АфД) одлучи да го кандидира поранешниот фудбалски репрезентативец Томас Бертолд за претседател на Германија. Светскиот шампион од 1990 година стана познат за време на пандемијата на коронавирусот како жесток противник на епидемиолошките мерки и поддржувач на движењето „Кверденкен“, кое се спротивставуваше на нив, пишува „Тагесшау“.

Бертолд има 62 години и не е член на ниту една политичка партија. Лидерите на АфД, Тино Хрупала и Алис Вајдел, порачаа дека намерно избрале непартиски кандидат, бидејќи сметаат дека тој може да ги претставува сите Германци.

Лидерите на АфД: Кандидат што може да ги претставува сите Германци

„Во Томас Бертолд најдовме кандидат што доаѓа од широки општествени кругови и кој навистина може да ги претставува сите Германци. Свесно избравме кандидат што не е член на ниту една партија, бидејќи сакаме да овозможиме вистински нов почеток на чело на нашата држава. Тоа е можно само ако се оддалечиме од партиските калкулации и старите интересни врски“, порачаа Хрупала и Вајдел.

Тие ја истакнаа и фудбалската кариера на Бертолд, нагласувајќи дека како светски шампион знае колку е важно заедништвото.

„Како фудбалер и светски шампион, Томас Бертолд знае колку е важно да се држиме заедно за да постигнеме заедничка цел. Затоа сме убедени дека ќе им подаде рака на сите што искрено сакаат заеднички да работат на тоа нашата татковина да стане подобро место“, наведоа тие.

Од АфД додадоа дека веруваат оти нивниот кандидат може да добие поддршка и надвор од партијата.

Кандидатот на АфД има мали шанси за победа

Кандидатурата на Бертолд пред сè има симболично значење. Се очекува на Сојузното собрание, кое ќе заседава на 30 јануари, мнозинството гласови да ги освои политичарката Илзе Ајгнер од Христијанско-социјалната унија (ЦСУ).

Нејзината кандидатура заеднички ја поддржаа Христијанско-демократската унија (ЦДУ), ЦСУ и Социјалдемократската партија на Германија (СПД). Ајгнер треба да го наследи Франк-Валтер Штајнмаер на функцијата претседател на Германија.


На претходните претседателски избори, во 2022 година, АфД го кандидираше Макс Оте, тогашен претседател на здружението „Верте-Унион“, кој поради кандидатурата подоцна беше исклучен од ЦДУ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс